Вработувањата под контрола на Владата
Централен стожер за управување со човечките ресурси станува Министерството за информатичко општество, а Агенцијата за државни службеници се укинува
Катица Чангова
Вработувањата во администрацијата ќе ги контролира Владата. Централен стожер за управување со човечките ресурси станува Министерството за информатичко општество. Со проширените надлежности што ги добива од почетокот на 2011 година, овој владин ресор фактички станува главен фактор во постапките за вработување и за обука на административци во државата. Ова досега го работеше Агенцијата за државни службеници, која како независна институција имаше обврска на годишен отчет пред Собранието. Смислата на натамошното постоење на Агенцијата за државни службеници целосно се губи, поточно се укинува.
Ова се суштинските новини од измените на Законот за организација и работа на државната управа што ги прифатила Владата на последната седница, се очекува да ги испегла идната недела, а потоа влегуваат во собраниска процедура.
Во Владата објаснуваат дека законските интервенции подготвени во работилницата на Министерството за правда се во функција на административната реформа. За таа цел било конституирано координативно тело од неколку ресори кое интензивно работело на промените во последните пет месеци, а бил ангажиран и надворешен консултант, поранешен словенечки министер за државна управа.
„Целиот процес на управување со човечки ресурси се концентрира на едно место. Секторите и одделенијата досега беа расцепкани, односно секој беше задолжен за нешто, а никој за се'. Тоа влијаеше на ефикасноста во управувањето. Затоа се обединуваат сегменти од Генералниот секретаријат на Владата, Агенцијата за државни службеници, министерствата за правда и за информатичко општество“, изјави владиниот портпарол Мартин Мартиновски. Меѓутоа, тој не можеше да прецизира колку вработени во иднина ќе брои Министерството за информатичко општество, кое во називот ќе ја има и додавката јавна администрација.
Од Владата напоменуваат дека законодавната реформа подразбира трансформација на Агенцијата за државни службеници, која нема да постои во форма како што е сега. Најверојатно, делови од Агенцијата ќе се стопат во неколку нови сектори во Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Сигурно е тоа што се внимава на второстепеноста во одлуките по жалби на државни службеници, велат во Владата, а за што беше надлежна Агенцијата. Членовите на новата комисија која ќе одлучува по жалби ќе ги избира Собранието.
Во Агенцијата за државни службеници се информирани за промените, меѓутоа вчера не сакаа да ги коментираат. Оставија простор до моментот кога измените на Законот за државна управа ќе влезат во парламентарна процедура.
По една година од влегување на изменетиот закон во сила, Министерството за информатичко општество и јавна администрација ќе добие нови функции, најавува Владата. Втората фаза од трансформацијата предвидува префрлање на два важни сектора од Министерството за транспорт и врски, телекомуникации и Советот за радиодифузија. |