Почина Пол Њумен, бедемот на златното време на Холивуд
Од Бен Квик преку Буч Касиди и Били Кид до хазардер, една филмска, но и животна ера
Сунчица Уневска
Легендата на американскиот филм, Пол Њумен, еден од последните бедеми на „златниот“ Холивуд почина завчера на 83-годишна возраст од рак на белите дробови. Со смртта на Пол Њумен се чини дека пополека се затвора книгата на блескавиот Холивуд и една сосем поинаква ера на филмот и во животот. Бидејќи, Пол Њумен дефинитивно беше една од американските икони, олицетворение на оној Холивуд во кој ѕвездите беа од поинаков материјал, но и олицетворение на едно време и начин на живеење кои се градеа врз некои сосем поинакви вредности.
Актерот од легендарните филмови: „Буч Касиди и Санденс Кид“, „Леворакиот револвераш“, „Хазардер“, „Пресуда“ или „Осило“ не само што остави зад себе импресивна кариера и галерија ликови, туку и исклучителна хуманитарна работа која на многумина им донесе утеха и спас. Тоа што Пол Њумен го карактеризираше во неговите безброј ликови, тоа го карактеризираше и надвор од екранот, бунтовноста, смелоста, борбата за правата на другите, моралот и етиката, самосвојноста, искреноста и одлучноста секогаш да се бори за она во што верува. А тие карактерни особини не само што му ја донесоа славата, туку придонесоа и неговото наследство како уметник и како човек да биде огромно.
Бројни се улогите по кои Пол Њумен се памети, тргнувајќи од неприспособениот Бен Квик во „Долго топло лето“, кој во 1958 му ја донесе „Златната палма“ во Кан, па преку фрустрираниот, но неодоливо привлечен партнер на Елизабет Тејлор од „Мачка на вжештениот ламаринен покрив“, кој исто во 1958 му ја донесе првата номинација за „Оскар“, преку една од неговите најдобри улоги како професионален играч на билијар во „Хазардер“ (1961), како „Ладнокрвниот затвореник“ (1967), како одметникот Буч Касиди (1969) или како гангстерот во „Осило“ (1973), како Рој Бин во „Судија за бесење“ (1972) или како адвокатот кој очајно се бори против американскиот судски систем во „Пресуда“ (1982). Интересно е дека Пол Њум��н подеднакво беше убедлив и фасцинантен и како одметник, и како човек од законот или како заводник, лесно преминувајќи од вестерн милјето во она на современата американска драма. Вкупно имаше девет номинации за „Оскар“, кој за жал не го доби за многу улоги кои ја одбележаа неговата кариера, за по иронијата на нештата да го добие дури 1987 година откако претходната година го доби „Оскарот“ за животно дело. Единствената наградена улога му е во „Бојата на парите“ на Мартин Скорсезе, во која повторно е играч на билијар и која се смета за своевидно продолжение на „Хазардер“.
Во 1990 заедно со Џоан Вудворд повторно ќе блеснат во филмот „Господин и госпоѓа Бриџ“, покажувајќи ја уште еднаш целата раскошност на нивниот талент. Уште една номинација за „Оскар“, но и „Златна мечка“ во Берлин ќе му донесе улогата на позитивниот губитник во филмот „Ничија будала“ од 1994, како и последната улога како мафијашки бос во „Пат без враќање“ од 2002 за која ќе понесе номинација за „Оскар“ за споредна улога.
Пол Њумен е роден на 26 јануари 1925 година во предградието на Кливленд, Охајо во еврејско семејство кое го носи потеклото од Полска, Словачка и Унгарија. Неговиот татко имал продавница за спортска опрема, но Пол Њумен немал никаква намера да се занимава со трговија иако првенствено студира економија. Неговата желба да биде професионален автомобилски тркач (што ќе биде негова голема страст до крајот на животот), како и да учи за воен пилот за време на Втората светска војна, нема да се остварат поради тоа што Пол Њумен бил далтонист. Она што останува како шега е фактот дека неговите легендарни сини очи, кои подоцна беа во голем дел заслужни за неговата слава, барем кај понежниот пол, всушност, му беа пречка да го работи тоа што го сака. Но, сите тие нешта ќе го одведат до глумата, онаму каде што ќе даде извонредно многу и ќе се претвори во една од легендите на тогашниот Холивуд. Инаку, тој и самиот си поигрува со обземеноста која владее околу неговите прекрасни очи, па вели дека на неговиот епитаф ќе пишува дека умрел неуспешен бидејќи неговите очи станале кафени.
„Долго топло лето“
Дури и познатиот Ли Стразберг, во чие студио и Пол Њумен ќе учи глума, покрај студиите на „Јејл“, ќе рече дека тој е талентиран, но има голем недостаток, премногу е згоден. Но, на почетокот неговиот изглед, всушност, и нема толку да му помогне. Многумина отпрвин ќе го споредуваат со Марлон Брандо. Студиото „Ворнер брос“ ќе сака од него да направи втор Марлон Брандо, а кружи една легенда дека тој има потпишано 500 автограми како Марлон Брандо. А, она што е особено интересно е дека негова голема конкуренција во 1950-тите бил и Џемс Дин, со кого заедно биле на аудиција за филмот „Источно од рајот“. Улога ја добива Дин, но не и Пол Њумен. А првата голема шанса е повторно врзана со Џемс Дин поради чие загинување тој ќе ги добие улогите на боксерот Роки Грацијано во „Некој таму горе ме сака“ и Били Кид во „Леворакиот револвераш“ на Артур Пен, каде што Њумен ќе игра во стилот „бунтовник без причина“.
Пол Њумен се занимаваше и со продукција и режија. За неговиот филм „Рејчел, Рејчел“, во кој игра неговата втора сопруга Џоан Вудворд, во 1968 година ќе добие номинација за „Оскар“ за најдобар филм. А улогата во неговиот филм „Влијанието на гама зраците на сенишните невени“ (1973) на Џоан Вудворд во Кан ќе и ја донесе „Златната палма“. Пол Њумен и Џоан Вудворд се една од легендарните холивудски двојки, која беше во брак цели 50 години. Заедно играа во девет филма, а Пол Њумен зборуваше дека многу сака да игра со неа иако како филмска двојка баш и не беа успешни.
Њумен со неговата сопруга Џоан Вудворд
А освен по многуте легендарни улоги Пол Њумен, секако, ќе се памети и по својот политички ангажман и неверојатна хуманитарна работа. Силно се залагаше за разоружување во Америка, како и за промена на системот на здравстевно осигурување. Заедно со неговата сопруга ќе ги основаат и камповите за деца болни од малигни заболувања, центарот за борба против наркоманијата кај младите, кој го носи името на неговиот прерано починат син од дрога „Скот Њумен“, а преку нивната фирма за производство на храна, која го користи неговото име, сите средства ги вложува во хуманитарни цели.
Она што кај Пол Њумен плени е неговата чесност и искрена желба да им помогне на другите. Тој е вечниот борец за правда, кој и покр��ј огромната слава и статус на ѕвезда, никогаш не го загуби тлото под нозете. Напротив, како ретко кој тој својата слава ја стави во служба на правичноста и хуманоста. Затоа и не е чудна неговата стабилност и успешност на екранот и надвор од него, бидејќи едноставноста е она што неверојатно го краси овој преубав и талентиран актер и човек. |