Баросо му честиташе на Груевски за победата
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, му ја честита на Никола Груевски победата на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори. „Во име на Европската комисија би сакал срдечно да Ви честитам како на лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за резултатот на парламентарните избори одржани на 5 јуни“, се наведува во честитката од Баросо. Тој притоа искажал уверување дека новата влада ќе ги реши предизвиците што и' стојат на земјата на патот кон ЕУ. „Ја споделуваме заедничката цел за интеграција на Вашата земја во Европската унија и уверени сме дека новата влада ќе вложи максимални напори за да обезбеди напредок во однос на важните прашања што треба да се решат на Вашиот пат кон ЕУ“, наведува Баросо во честитката.
Баросо му посакал на Груевски голем успех во надминувањето на предизвиците со кои ќе се соочи, очекувајќи брзо да се формира влада и да се оствари блиска соработка со новата влада во иднина. „Ви ја даваме нашата целосна поддршка“, се наведува на крајот од честитката од Баросо. (Н.Р.) |