Во Македонија се' по старо
Нема прогнози дека старо-новата влада ќе го реши името, оценува „Економист“
Кон крајот на годинава се очекува Македонија да го пополни постаментот што го изгради во центарот на Скопје со огромна јавачка статуа на Александар Велики. Грците, кои сметаат дека Македонците го крадат нивното културо наследство, ќе се налутат. Сите други ќе претпостават дека ова е само поголемо лудило со балкански вкус.
Дотогаш, се чини дека во Македонија ќе продолжи истото. Општите избори во неделата ги доби премиерот Никола Груевски и неговата партија со тешко име, ВМРО-ДПМНЕ. За разлика од последните избори во 2008 година, кампањата не беше оцрнета со насилство, иако имаше демонстрации во Скопје по мистериозната смрт на младо момче, наводно, од рацете на полицијата, на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите се прифатени од сите поголеми партии.
Теоретски, опозицискиот СДСМ би можел да формира влада со поддршка од двете албански партии, но бидејќи тие не се поднесуваат едни со други повеќе отколку главните македонски партии, тоа е неверојатно да се случи. Затоа, досегашната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ со ДУИ се чини дека повторно ќе го преземе кормилото.
Прашањето за слободата на медиумите е фокусирано на телевизискиот канал А1, предводен од познатиот магнат Велија Рамковски. А1, пионер на независните медиуми во Македонија, во последниве години стана остар критичар на Груевски. Тоа, велат официјални извори, не значи дека не треба да ги плаќа даноците. Сепак, опозициски личности сметаат дека обвиненијата за даночно затајување се начин да се затвори еден критички глас. Провладините медиуми, велат тие, не се под закана за затворање како што е А1.
Што се однесува до приемот во НАТО и во ЕУ, и двете прашања остануваат нерешени од долгогодишниот спор на Македонија со Грција, која истакнува дека името на поранешната југословенска република имплицира територијални амбиции врз тој дел на историска Македонија што се наоѓа во Грција. Во поново време, Грција соопшти дека би прифатила квалификувана форма на името, како што е „Северна Македонија“ или „Вардарска Македонија“.
Еден од најголемите губитници на изборите во неделата е Љубе Бошкоски. Овој ветеран од македонската политика беше суден и ослободен во 2008 година од Судот на ОН за воени злосторства во Југославија, во Хаг. На овие избори тој се обиде да ги оддалечи приврзаниците од партијата на Груевски. Но, не само што неговата партија не успеа да добие место во парламентот туку во понеделникот тој беше уапсен под сомнение за илегално партиско финансирање.
Реизборот на Груевски, според еден дипломатски извор, значи дека „нема надеж за напредок“ во спорот за името со Грција. Приемот во ЕУ и во НАТО ќе останат замрени, а странските директни инвестиции незначителни. Тогаш, значи, продолжува истото.
Ненадејното апсење на Ратко Младиќ во Србија на 26 мај покажува колку брзо можат да се сменат работите на Балканот. Не треба да се исклучи сличен пресврт во спорот со името. Грчката влада е деконцентрирана од своите економски проблеми, а Груевски има нов, чист мандат. Тој се' уште би можел да постигне договор. Тоа не значи дека принудувањето на Македонија да го приспособи своето име наспроти волјата на граѓаните, би било праведно. Но, прашањето ја држи земјата назад 20 години. Официјалните претставници на ЕУ сакаат да зборуваат за „принципот регата“, според кој, секоја земја од Западен Балкан остварува членство кога нејзината поединечна јахта мирно ќе плови над крајната линија. Проблемот на Македонија е тоа што нејзиното сидро ја влече на морското дно. |