Фолк- фест „Роса“ - загубени во препевот
Трите грации: Бади Бекир, Росана и Адријана Алачки
Добитници на награда за животно дело се Круме Спасовски и постхумно Наско Џорлев и Пепи Бафтировски.
Во време кога целиот живот на фолк - сцената во Македонија талка во потрагата на нов идентитет, меѓу сеќавањето за славата на старата песна и навидум лесниот и светкав предизвик на турбо-фолкот од блиската туѓина, деветтото издание на фолк-фест „Роса“, што се случи на 28 ноември годинава, во Универзална сала во Скопје, изгледаше и звучеше токму како да не знае кој пат да го фати. И во таа неодредена стилска мешавина на 26-те песни испеани во Универзална сала во Скопје, а пренесувани директно во етерот и преку сателит од МТВ - ниту она што сакаше да биде „турбо“ ја немаше дрскоста и блескавоста на турбо-фолкот, а за умерениот и певлив фолк, кој колку - толку држи до автентичноста, остана впечатокот како да не може да си го пронајде местото.
Фестивалот, кој на своите почетоци, тргнуваше со амбицијата да им го врати сјајот на вистинските пејачи на македонската народна песна и да биде резервиран само за големите ѕвезди - всушност и затоа беше замислен како ревијален, без награди - во своето постоење низ годините, потклекна пред комерцијалниот императив на сцената. Обидувајќи се да го задржи барем привидот на народна уметност, на „Роса“ може да се слушнат неколку повредни песни, кои сепак ја доживуваат судбината на „колатерална штета“ на талкачкиот концепт. И така приказната во својата предјубилејна година „Роса“, остана некако „загубена во препевот“. (Ј.П.) |