Хаџибулиќ: Невин сум, сам ќе го расветлам убиството кај Универзална сала
Јасмин Лесковица и Харун Хаџибулиќ ја отфрлаат вината за убиството на Мирсад Криешторац
Љубиша Станковиќ
Третото судско рочиште се покажа како среќно за обвинетите Јасмин Лесковица и Харун Хаџибулиќ. Тие на вчерашното судење дадоа своја одбрана за убиството на Мирсад Криешторац, кое се случи во март годинава кај Универзална сала во Скопје. Двајцата обвинети дадоа речиси идентична одбрана за настанот, отфрлајќи притоа каква и да е вина за смртта на Криешторац. Обвинетите притоа изразија жалење за неговото загинување.
Пред судот вчера прв сведочеше Јасмин Лесковица, кој воопшто не можеше да се присети на деталите што се однесуваа на настанот од 15 март. Според Лесковица, критичниот ден тој бил пред локалот што го подготвувале за работа заедно со Харун Хаџибулиќ, кога таму се појавил извесен Кенан во придружба на уште двајца непознати лица. Кенан побарал да разговара со Хаџибулиќ, по што настанала расправија. По нивното напуштање на локалот, тој забележал како Кенан се оддалечува, а во тој момент почувствувал силен удар во тилот. Кога се обидел да се заврти, Лесковица од страна на непознато лице бил удрен со рачка од пиштол неколку пати по лицето. Што се случувало понатаму, тој не се сеќава, но памети дека се разбудил во болница каде што бил однесен од полицијата.
„Јас сум професионален војник и ако сакам да убијам некого, не ми требаат пет куршуми, туку еден. Но, само болен човек може да убива без причина, а јас ниту сум болен ниту, пак, сум имал причина да убијам човек кого не го ни познавам. Каков човек сум може и судот да провери во Гардата на АРМ. Знам само дека имам семејство и дека тоа ми е најважно“, посведочи Јасмин Лесковица.
И второобвинетиот Харун Хаџибулиќ ја повтори истата приказна. Според него, се' започнало по еден телефонски повик од негова роднина, која му кажала дека Кенан побарал негов телефонски број за да се слушнат. По извесно време, тие се договориле да се сретнат пред неговиот локал на булеварот „Партизански одреди“.
„Кенан, кого го имам видено еднаш или два пати во живот, дојде со уште двајца, а понастрана стоеја уште 4-5 лица. Го поканив да влезе во локалот, но кога ми кажа кој го пратил и за каква работа, повеќе не сакав да разговарам со него“, рече обвинетиот Хаџибулиќ. Тој појасни дека разговорот бил за некој негов подалечен внук, кој бил ранет од синот на човекот што го испратил Кенан кај него. Хаџибулиќ тврди дека го испратил соговорникот да разговара за тоа со родителите на неговиот ранет внук, а не со него. Кратко потоа се случило пукањето во кое загинал Мирсад Криешторац.
„Жал ми е за починатиот. Јас и на неговото семејство му изразувам жалење за загубата. Но, повеќе жалам што некој го злоупотреби тоа момче, бидејќи го пратил да загине. Како тоа се случи момчето да загине јас самиот ќе откријам и настанот ќе го докажам“, посведочи обвинетиот Харун Хаџибулиќ. |