Бајруш Сејдиу останува во притвор
Претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, бара разрешување на двајцата судии што ја донеле одлуката за домашен притвор
Гордана Дувњак
Тутунскиот бос Бајруш Сејдиу останува во истражниот затвор во Шутка.Тој нема да биде преместен во домашен притвор, ниту, пак, ќе има потреба од гаранциите во вредност од 1,4 милиони евра што ги даваат неговите пријатели во пари, станови и дуќани.
Вака вчера во итна постапка одлучи Врховниот суд, кој го прифати барањето за заштита на законитоста на Јавното обвинителство на Македонија да се преиначи одлуката на тричлениот Кривичен совет на скопска Апелација.Истовремено, Кривичниот оддел на највисокиот суд на државата, кој два дена ги контролира списите поврзани со Сејдиу, донесе заклучок да се побара одговорност од двајцата судии што ја донеле одлуката за замена на притворот со куќен притвор. А претседателот на Врховниот суд, Јован Вангеловски, поднесе иницијатива до Судскиот совет за разрешување на претседателот на Апелациониот суд, Јордан Митриновски, кој претседавал со советот и на судијата Исмаил Лимани. Третиот судија од советот, апелационата судијка Милка Стефковска е изземена, бидејќи таа гласала против одлуката и го издвоила своето мислење.
Првиот човек на скопска Апелација, Јордан Митриновски, вчера остана на својата одлука и натаму тврди дека донел законита одлука.
„Како судија се срамам од одлуката на Врховниот суд, бидејќи си дозволи да навлегува во слободното судиско убедување. Тоа е директен удар врз независноста на судството, кој ќе влезе во меѓународните извештаи“, потенцира Митриновски. Тој вели дека никаде не постои забрана да се употребат две мерки за обезбедување на присуство, кои не смеат да се применат само за притворот. Укажува дека и без тоа немало никакви можности за бегство на Сејдиу, кој не само што моментално е во истражен затвор, туку и околу неговиот притворот ќе се одлучува и во други две постапки.
Наспроти ваквиот став, Врховниот суд вчера ги прифати аргументите на Обвинителството, кој сметаше дека второстепениот суд требало да ја отфрли како недозволена посебната жалба на обвинетиот. Врховните судии оцениле и дека Апелациониот суд згрешил кога истовремено куќниот притвор го зајакнал со дополнителна гаранција.
По увидот во записникот, било констатирано и дека еден од тројцата судии го издвоил мислењето, бидејќи самиот по жалба го имал во работа предметот за Сејдиу, за кој веќе е донесена првостепена пресуда за затвор во траење од пет години, како и надомест за штета од шест милиони евра. Судењето е закажано за 28 декември.
Апелацискиот суд минатата недела одобри домашен притвор за Сејдиу, во комбинација со понудена гаранција од 1.400.000 евра,од кои 1.100 евра во пари,а останатата вредност во недвижен имот. Парите се' уште не се уплатени, ниту, пак, се заверени хипотеките. Целиот имот на Сејдиу е запленет, од кои само 1,5 милиони евра се во автомобили од неговиот богат возен парк.
Кумановецот Бајруш Сејдиу во март годинава беше осуден на пет години затвор за случајот „Пепел“, но оваа пресуда се' уште не е правосилна. Во овој судски процес им се судеше на вкупно 32 обвинети во криминалот со фалсификување цигари, неплаќање акцизи и злосторничко здружување. Сејдиу веќе две години е во притвор во затворот „Шутка“. Во Кривичниот суд има уште еден непресуден предмет поврзан со Сејдиу, познат како „Пепел 2“. |