Потегот на Скопје и на Подгорица е успех за Приштина

Во Лондон се тврди дека двете признавања на Косово се голем удар за Србија
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Признавањето на Косово како независна држава од неговите соседи Македонија и Црна Гора претставува значаен психолошки момент за Приштина, кој во исто време носи и практична корист за новата држава на Балканот, вели Би-Би-Си, објавувајќи ја веста од Скопје и од Подгорица.
Со таквата констатација се согласуваат и најголемиот број од британските аналитичари и познавачи на состојбите во регионот, а еден од нив, Марк Алмонд, експерт за Балканот при колеџот Ариел на Универзитетот во Оксфорд, објаснува дека прифаќањето на косовската независност на уште две земји од просторот на поранешна СФРЈ може да го елиминира застојот во процесот на признавањето, по отцепувањето на поранешната покраина од Србија во февруари годинава.
За Западот, одлуката на Македонија и на Црна Гора е нивниот придонес за стабилизација на состојбите во Западен Балкан, додека за Србија, како што се вели во реакцијата на министерот за надворешни работи, Вук Јеремиќ, таквиот чекор претставува „опасност за регионот“. Анализирајќи ги состојбите во двете земји што го признаа Косово, професорот Алмонд смета дека одлуката на Скопје може да ја подобри внатрешната меѓуетничка ситуација и односите меѓу Албанците и Македонците, иако во исто време може да предизвика и незадоволство во, како што вели, националистичките делови кај македонската популација, која може да и' забележи на владата дека е „премногу блиска“ со Албанците.
Потегот на Подгорица, според овој познавач на балканските состојби, меѓутоа, е едно од најдраматичните случувања по распаѓањето на Југославија и голем удар за Србија, а огромен успех за Приштина. Алмонд, во разговор за Би-Би-Си вели дека косовските Албанци сега со право ќе може да речат дека ако Црногорците може да ја признаат нивната независност, за кои Србите зборуваат дека им се браќа по крв, тогаш зошто тоа да не може да го направат и оние кои ни приближно ја немаат таквата блискост со Србија.
Британските телевизиски станици ги пренесоа одлуките на македонската и на црногорската влада, објаснувајќи дека тие се појавуваат неполни 24 часа по гласањето во Обединетите нации за Резолуцијата што ја понуди српската влада, а со која се бара Меѓународниот суд за правда, да ја испита легалноста на прогласувањето на независноста на Косово. Британскиот амбасадор во ОН, Џон Соерс, осврнувајќи се на изгласувањето на Резолуцијата, рече дека косовската независност е сепак реалност и дека „часовникот на историјата многу ретко се враќа наназад“.
Во Лондон се тврди дека „српската дипломатска победа“ е таква само ако се зборува од аспект на броење гласови, затоа што гледано од секој друг агол, Белград има малку причини да се радува. Не само што со постапката пред Меѓународниот суд не се запира процесот на признавањето и што пресудата е бавна и таа има само советодавен, но не и обврзувачки карактер, туку и што таа и создава проблеми на земјата при нејзините натамошни евроатлански аспирации, велат овдешните аналитичари, илустрирајќи го сето тоа со однесувањето на земјите од ЕУ.
Брисел уште од порано најави дека нема ништо против српската иницијатива, оста��ајќи притоа секоја земја-членка во Унијата да гласа како што самата ќе оцени. Но, договорената воздржаност од гласањето, дури и на земјите кои веќе ја признаваат и силно ја бранат косовската независност, како Британија, покажува каде „погреши Белград“. ЕУ со гестот на негласање покажа колку во случајов е рамнодушен кон она што го презема српската дипломатија во ОН, зашто, според толкувањата во Лондон, што и да одлучи судот, работите не ќе може да се изменат.
Од друга страна, Србија ако сака да биде членка на ЕУ, прво што ќе мора да направи, тоа е да ги среди своите односи со соседите, вклучувајќи го тука и прашањето за нејзиниот однос спрема Косово. Острата реакција на српската влада, по признавањето на Косово од страна на Македонија и на Црна Гора, меѓутоа, покажува дека во Белград, барем кога станува збор за косовското прашање, ништо не се менува.
|