Спасеновски бара поддршка
Шефот на делегацијата на Македонија за соработка со ЕУ, Александар Спасеновски, вчера испрати писма до европарламентарците, координаторите на политичките групи во Комитетот за надворешни работи и до известувачот за Македонија, Зоран Талер, со кое бара нивна поддршка за Брисел да ни даде препорака и датум за преговори со Унијата. Освен пораката дека Македонија вложила значителни напори да ги исполни Копенхашките критериуми и да ги спроведе клучните реформи, Спасеновски се повика и на добрососедските односи како клучен аргумент дека нема пречка за тоа, што и да тврди Грција.
„Македонија постигна добри резултати во политичкиот дијалог, во почитувањето на фундаменталните човекови права, во спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, во реформите во полицијата и во судството, како и на полето на економските критериуми“, пишува Спасеновски. Неоспорен успех, според него, е и тоа што Македонија е прва земја во регионот што успешно ги заврши преговорите за Договорот за стабилизација и асоцијација и само за три и пол месеци го пополни прашалникот на ЕУ. Во однос на клучната пречка, условот за добрососедски односи, тој се повика на аргументите дека Македонија е единствена земја од поранешна Југославија што ја прогласи својата независност на мирен начин, која има мирни и силни добрососедски односи и која го признава и не го оспорува суверенитетот на сите соседни земји. „Во духот на добрососедските односи Македонија го смени својот Устав и го измени своето државно знаме, за да им излезе во пресрет на барањата наметнати од страна на Грција, но останува подготвена и целосно активна во наоѓањето заедничко и заемно прифатливо решение за билатералното прашање“, тврди Спасеновски. (Н.Р.) |