Ребалансот е одраз на уморната и безидејна власт
Со буџетското прекројување Владата ја покажува неспособноста да се фати во костец со реалните економски проблеми
Александрија Стевковска
Ребалансот на буџетот е неразвоен и нереформски и ја одразува замореноста на власта да се фаќа во костец со реалните економски проблеми, обвини уште еднаш опозицијата на вчерашното првично чешлање на предлогот за прекројување на буџетските позиции во матичната Комисија за финансирање и буџет. Според опозициските пратеници, кои најавија дека нема да го поддржат ребалансот, тој е скроен само за задоволување на мегаломанските потреби на власта за нерационално и непродуктивно трошење, без притоа да се води сметка за реалните потреби на стопанството и на граѓаните. За власта, пак, станува збор за прекројување на буџетските проекции во насока на приспособување на државата кон новосоздадените услови, односно пониските приходи и расходи во државната каса.
„Со овој ребаланс власта јавно призна дека постои раст на сивата економија. Тоа е поткрепено со податокот дека во буџетот има пад на приходите по основа на персонален данок од околу четири отсто, додека според агенцијата за вработување се регистрира раст на вработувањата. Тоа значи дека доколку расте вработеноста, а опаѓа собирањето на персоналниот данок, се' повеќе луѓе работат на црно“, истакна претседателот на Комисијата и пратеник на ЛДП, Јован Манасиевски.
Тој уште еднаш нагласи дека најголем добитник од предложениот ребаланс е Министерството за внатрешни работи.
„МВР стана најголем собирач на пари во државава и доби функција како УЈП. Му се даваат пари на министерство кое ги ограбува граѓаните со наплата од околу 8,5 милијарди евра со брзата постапка за издавање на пасошите. Во таа финансиско-полициска ујдурма од граѓаните за еден итен пасош МВР заработува по најмалку 50 евра. Слушнав дека постои проект и за итно издавање лични карти, за 1.000 денари. Место издавањето лични документи да биде редовна и нормална обврска на државата, таа заработува врз таа основа“, укажа Манасиевски, според кого, целиот ребаланс е доказ за тоа дека оваа власт е уморна и оти нема идеи за решавање на проблемите.
Тој обвини дека власта го крие износот на вистинскиот долг и зголемувањето на дефицитот за 100 милиони денари. Според него, со ребалансот се крати многу малку од ставката за времените вработувања, кои смета дека ќе бидат над 20.000, а не 5.000 како што тврди власта.
Реплицирајќи на ова излагање министерот за финансии, Зоран Ставрески, оцени дека пратеникот Манасиевски изнесува неиздржани и невистинити тези водени од нетрпеливост да дојде на власт, односно вози од задно седиште, од каде што е покомотно, но во таква ситуација не ги гледа реално работите. „Имавте шанса да возите од предно седиште кога бевте министер, но вие тогаш ништо не направивте за да го реформирате министерството, кое го водевте“, обвини Ставрески.
Теза за истрошеност на Владата изнесе и Марјанчо Николов од СДСМ, кој оцени дека Владата влече нелогични потези со ребалансот на буџетот, во кој ги крати капиталните расходи за 23 проценти, а истовремено ги зголемува непродуктивните. „Во недостиг на визија, идеи и проекти одите во популизам. Тој краткотрајно носи резултати, но долгорочно ве уништува. Се решивте за популизам во најтешката економска година“, посочи Николов, според кој, овој ребаланс мириса на нов, кој најверојатно ќе треба да се направи веќе во септември.
Николов упати забелешки за зголемувањето на субвенциите за јавните претпријатија за уште 140 милиони денари. „За жал, овие пари во најголем дел ќе одат за покривање на платите на партиските членови во јавната администрација. Се обидувате да купите време“, наведе Николов истовремено критикувајќи го кратењето на парите за одбраната и интеграцијата во НАТО.
За ребалансот на буџетот матичната Комисија води општа расправа, по која ќе следува изјаснување по поднесените вкупно 260 амандмани. Со ребалансот Владата го скусува буџетот за 76 милиони евра. Буџетскиот дефицит останува на ниво од 2,5 отсто од БДП. Најмногу се куси кај капиталните расходи за 23 отсто, кај материјалните трошоци за пет отсто. Повеќе пари ќе има за здравството и за социјалата. „Ризици до крајот на годината се' уште има, особено од грчката криза, од што практично зависат и проекциите за македонската економија, за тоа дали ќе има уште еден ребаланс до крајот на годината“, рече Ставрески. |