Потпретседателот на Обединети за Македонија, Златко Кесковски, ја напушти партијата. Тој вчера соопшти дека поднел оставка од сите партиски функции и оти се повлекува и од членство во ОМ. Поранешниот заменик-директор на УБК и шеф на обезбедувањето на претседателот Борис Трајковски - Кесковски се' до неодамна беше еден од најблиските соработници на Љубе Бошкоски. Во соопштението тој кусо наведува дека заминува од партијата од лични причини.
Во политичките кругови веќе извесно време се зборува за несогласувања меѓу Бошкоски и Кесковски, кој подолг период не се има појавено во јавноста со лидерот на ОМ. Кесковски ја напушти ОМ неколку дена пред антивладиниот бунт на партијата пред Старата железничка станица во Скопје.
Пред неколку месеци од ОМ беше исклучен и другиот потпретседател - Филип Петровски, по што од партијата замина и Александар Даштевски. Двајцата поранешни функционери на ОМ сега работат на формирање нова партија. (А.М.М.)