ИНТЕРВЈУ
Македонија во ЕУ е дел од агендата на Франција
Бернар Валеро, француски амбасадор во Македонија
Димитар Чулев
Минатата недела, за време на посетата на вицепремиерот Ивица Боцевски на Франција, слушнавме изјава како што ретко слушаме од официјален Париз. Министерот Жан Пјер Жује ја изрази цврстата француска поддршка за укинување на визите за македонските граѓани. Колку долго Европа ќе ја држи Македонија и регионот во визно гето?
Лично воопшто не ме изненадија изјавите на господинот Жује од две причини. Првата, затоа што секогаш сме биле благонаклонети кон процесот за визно олеснување и длабоко сме убедени дека Македонија треба да излезе од таа состојба, а убедени сме, се разбира, во европската перспектива на Македонија. Неопходно е младите луѓе да можат да излезат и да ја запознаат Европа. Втората причина поради која таа изјава воопшто не ме изненади е што Македонија спроведе голем број реформи коишто ние ги признаваме и ги забележуваме. Убедени сме дека од моментот кога една земја навистина ги спровела сите неопходни реформи на крајот од процесот треба да се постигне одреден резултат.
Пред неколку години едно истражување што го направи Европската унија покажа дека дури 70 отсто од студентите во Македонија, Србија и БиХ воопшто не излегле од земјата. Тоа е поразителен податок. Може ли виртуелното искуство со Европа да ги замени реалните прошетки низ Париз, Берлин, Милано...
Ние сме цврсто определени овие преговори навистина да завршат и да успеат. Но, јас, исто така, се обидувам да работам и во обратна насока. Односно, млади Французи да доаѓаат овде. Се обидуваме колку што е можно поголем број млади Французи да дојдат овде не само за да се образуваат туку и да работат, да доаѓаат да ги посетуваат различните градови, но исто така има и голем број доброволци коишто во моментот престојуваат во Скопје и спроведуваат различни образовни програми, програми на полето на социјалните работи итн. Кој е конечниот влог во оваа работа. Првото е слобода на движење во европскиот простор. Втората придобивка е подобро запознавање на другиот.
Добро е што доаѓаат странци. Но, стои фактот дека о��ичниот граѓанин го зафаќа депресија во моментот кога ќе помисли колку е комплицирана процедурата да се излезе од земјата.
Јас сметам ако се подобро запознаени со земјата, ако, на пример, во Франција има повеќе информации за Македонија, нивната бројка (на туристи) ќе биде многу поголема. Ќе ви посочам еден пример: правиме разгледници со фотографии со Македонија. Ова лето имавме француско-шпанска соработка којашто беше одлична. Во рамките на француско-шпанска соработка летово тука беа еден млад Французин и една млада Шпанка во регионот на Тетово. Соработката се спроведуваше преку програмата „Тандем“ кои беа надлежни за развој на туризмот, но исто така и на целокупниот туризам на планинскиот масив Шар Планина.
Во еден извештај се наведува дека француската амбасада била најригорозна во издавањето визи. Дека дури 80 отсто од барањата се одбиваат.
Таа приказна со 80 проценти е лудило во кое навистина ништо не разбирам. А, сепак, мислам дека јас сум најсоодветната личност кај кого треба да се провери таа информација. А, вистината е едноставна: само 8 до 8,5 проценти од барањата за визи се одбиени. Тоа е, ќе признаете, многу далеку од 80 проценти.
Ние проверуваме кој го издаде тој извештај. Она што јас точно го знам е бројот на барањата што ги добиваме секоја година и бројот на оние барања на кои позитивно одговараме. Бидејќи сме надлежни и за Косово, имаме 10.000 барања за визи од Македонија и од Косово и на нив 92 проценти одговараме позитивно. И затоа кога го видов она за 80 проценти одбиени скокав од бес до плафон.
Говорите за Французи во Македонија, а не обратно, за Македонци во Франција. Дали Франција се плаши од „македонскиот водоводџија“?
Мислам дека таа изрека со полскиот водоводџија стана синоним на еден имагинарен страв. Што се однесува до Македонија, такво стравување воопшто не постои. Токму спротивното. Во Франција сме многу анимирани со солидарноста и навистина со чувството да му се помогне на другиот. А тоа е навистина целокупната база врз којашто работиме и и' помагаме на Македонија на нејзиниот пат кон Европската унија. Ние развивме една цела соработка и ја поддржуваме помеѓу регионот Долна Нормандија и Македонија. Затоа и многу го поддржуваме процесот на збратимување на македонски и француски градови.
Дали нејасната слика за Балканот во Франција раѓа скептицизам околу идно проширување на ЕУ?
Мислам дека тука треба да си ги проверите досиејата. Мислам дека ако сакате да зборуваме за Македонија и Европа треба да бидеме сериозни. Затоа што веќе навистина почнува да ми станува преку глава да слушам овде во Македонија дека Франција навистина не одобрува проширување на Европската унија, посебно не за Македонија. Ако зборуваме сериозно, тогаш да се навратиме неколку години наназад. Токму во 2000 година на самитот на ЕУ и балканските држави во Загреб, Франција како претседавач беше земјата што ја отвори европската перспектива за сите во регионот. Треба да се знае дека француската дипломатија не е дипломатија што менува ставови на секои три месеци. По загрепскиот самит, се потпиша договорот за стабилизација и асоцијација. Европските напори на Македонија беа потврдени во агендата на самитот во Солун во 2003, па во декември 2005 година и' се додели кандидатски статус на Македонија. За целиот тој период Европската унија и' дава забележлива помош на Македонија која ќе се зголеми наредните години преку ИПА- фондовите. Во вкупната европска помош 15 до 17 проценти доаѓаат од Франција
Што мислите, сфаќа ли македонската политичка елита дека ЕУ со менување на приоритетите ја поттурнува државава понастрана од европскиот колосек, а не правиме ние доволно?
Сметам дека треба да ја промениме филозофијата, односно тоа значи преку секојдневната работа треба навистина да ја зајакнеме меѓусебната соработка и партнерство околу европската перспектива на Македонија. Мислам дека тоа е најважното и тоа треба да биде заеднички напор преку секојдневната работа на сите. Затоа што првпат годинава се случува тоа во земјата. Јас откако сум дојден во вашата земја сум видел три извештаи во однос на напредокот на Македонија што ги објавила Европската комисија и за последниот извештај навистина се случи нешто што досега се немаше случено. Властите успеаја да го прифатат европскиот извештај таков каков што е и навистина позитивно да го искористат и да создадат работен план и програма за наредната година што доаѓа. Акциониот план којшто го претстави потпретседателот на Владата Боцевски е добра насока која што ќе ни овозможи наредната година заеднички да спроведуваме голем број на активности.
Француското претседателство со ЕУ, кое се ближи кон крајот, како да беше зафатено со други приоритети, а на со Западен Балкан. Како да немаше време за трошење на регионов кога во исто време се случи војната во Грузија, Лисабонскиот договор, светската криза...
Велите француското претседавање не искажа големо внимание спрема Балканот. Но, само ќе ви набројам неколку работи. Ние требаше да се справиме со војната меѓу Русија и Грузија. Тоа беше многу важно затоа што Европа првпат во својата историја успеа сама да спречи војна, односно да стави крај на војна.
Но, да се навратиме на Македонија. За нас едно претседателство не значи избор на „мис“. Ние не практикуваме да велиме дека француското претседавање било подобро од претходното или ќе биде подобро од наредното што следува. Мошне тесно соработувавме претходно со словенечкото претседавање, а исто така ги дефиниравме и сите наши активности во кругот на триото, односно Франција, Чешка и Шведска. Ние се обидовме максимум да ја поддржиме Македонија, но да не заборавиме дека паралелно на тоа работевме и на други проблематики во регионот. Првата, беше поврзана со доделувањето на датумот за почеток на преговорите, но за тоа одлучува Европската комисија. А за втората, досието за визите, се обидуваме максимално да го поддржиме тој процес.
Радува што одредени реформи во Македонија се во тек. Јас можам да констатирам дека работите во парламентот сега добро напредуваат. Јас честопати велам дека европската перспектива на земјата не треба да биде тема на поле на внатрешната политика, туку треба да биде тема околу која сите ќе се обединат. Односно, тоа значи дека владата, Собранието, граѓанското општество, Националниот совет за евроинтеграција, медиумите, универзитетите, економскиот сектор треба сите да се обединат за постигнување на истата цел.
Фактот дека над 90 отсто од граѓаните во Македонија го поддржуваат НАТО и ЕУ- членството заслужува посебна почит. Понекогаш посакувам и во мојата земја да бидат толку високи процентите во однос на европската изградба.
На редовниот состанок на амбасадорите на ЕУ во Скопје неделава, наводно, било спомнато дека и еден истрелан куршум на следните избори ќе ја доведе во прашање европската перспектива на Македонија. Ние се уморивме да слушаме дека сите избори кај нас се пресудни.
Сосема разбирам, на македонските граѓани им е смачено да слушаат дека секои наредни избори се од пресудно значење. Но, мислам дека на македонските граѓани, исто така, им е смачено кога ќе им кажат дека на 1 јуни има избори, а тие на крајот на јуни се' уште гласаат. Независно од тоа што можат да го кажат Европејците, или она што може да го каже ОБСЕ или ОДИХР, мислам дека најпрвин треба да се слушаат граѓаните овде. Затоа што и самите граѓани можеби посакуваат изборите да се одвиваат сосема добро. И сите се надеваме искрено дека тоа ќе биде во март идната година.
Македонија и Франција имаат длабоки историски врски. Двата народа во двете големи војни во минатиот век беа на истата страна во борбата. Тоа е докажано сојузништво. Како дојде до ситуацијата сега во еден дел од македонското општество Франција да не се смета како сојузник?
Јас ќе ви кажам она што ние го очекуваме и тоа со нетрпение. На еден или на друг начин, двете страни колку што е можно побрзо да дојдат до заедничко решение, без разлика какво и да е тоа. Затоа што воопшто не сакаме да се мешаме во решението. Решението кое ќе биде постигнато од двете страни ќе биде и наше решение и ќе биде најдобро решение. Од дипломатска гледна точка мислам дека постојат сите предуслови да се постигне таков договор. Има проблем и треба да се најде решение. А за да се најде решение потребна е храброст, имагинација за да се бара и на крајот да се изнајде решението. И треба да се биде вклучен во преговорите. Нема проблем за кој не може да се најде решение. Она што ние го посакуваме е колку што е можно побрзо решение за тоа прашање, какво и да е тоа решение. Кога ќе се постигне тој договор, односно кога двете страни ќе се договорат, за нас решението ќе биде прифатливо. |