Буџетот се полни подобро од планираното
Во септември буџетските и даночните приходи ги надминуваат планираните фискални приходи за 1,6 проценти, додека приходите од ДДВ како најзначаен репрезент на вкупната економска активност во земјата се поголеми за 2,8 проценти.
„Септември потврди дека продолжува тенденцијата да остваруваме приходи повисоки од истиот месец лани. Како во јуни и во август, така и во септември вкупните приходи се повисоки од минатогодишните во истиот период за 2,24 проценти“, истакна вчера министерот за финансии Зоран Ставрески.
Во првите девет месеци од годината вкупниот буџетски дефицит изнесува 1,6 проценти од БДП што, според Ставрески, покажува дека е целосно во рамките на планираниот буџетски дефицит и оти до крајот на годината ќе остане во контролираното ниско ниво од 2,5 проценти од БДП.
Ставрески нагласи дека државата нема долг по основа на поврат на ДДВ и оти во законски предвидениот рок од 30 дена се враќаат обврските кон фирмите.
Во однос на двојното оданочување Владата најавува дека ќе направи се' за избегнување на двојното оданочување и заштита на инвеститорите. (МИА) |