Марк Цукерберг
Богатството го остава во хуманитарни цели
Марк Цукерберг, 26-годишниот основач на „Фејсбук“, поголемиот дел од своето богатство ќе го раздели. Имено Цукерберг се придружил на фондацијата на Бил Гејтс и Ворен Бафет „Giving Pledge“, чии потписници јавно се обврзуваат поголемиот дел од своето богатство да го донираат во добротворни цели. Според пишувањето на „Волстрит џурнал“, Цукерберг е еден од најмладите светски милијардери, а вредноста на неговото богатство е проценета на 6,9 милијарди евра. Тој изн��с се однесува на неговиот удел во „Фејсбук“, на кој допрва му следува поставување на берзата, па дури потоа ќе може да се процени и реалниот износ на неговото богатство.
Цукерберг на листата на „Форбс“ влезе како еден од 16 нови милијардери. Меѓу нив се Стив Кејс, коосновачот на АОЛ, инвеститорот Карл Ајкан и бившиот крал на обврзниците Мајкл Милкен. Цукерберг, со износите што ги има донирано оваа година, се сместува во врвот на донаторите. Само за јавните училишта во Њуарк, наменил 100 милиони долари. |