Џина Папас Џокси
„Шарени чадори“ со љубов за Скопје
„Шарени чадори“ е насловот на новата заедничка песна на Џина Папас Џокси и учениците од 5-б одделение од ОУ „Јохан Хајнрих-Песталоци“, која во средата и официјално и' беше претставена на јавноста на промоција во кафулето „Дуомо“, на која премиерно го видовме и видеозаписот за истата тема.
„Песната му ја посветуваме на нашиот град, град во кој растеме, учиме, град за кој имаме детски соништа, како да изгледа и како да се живее во него“, велат учениците од „Песталоци“. Музиката за песната ја напиша Џокси, а текстот е создаден одамна и е дело на покојниот Владимир Нејашмиќ-Бато. Аранжманот го направи Валентино Скендеровски, во чие студио („Ентерпрајз“) и е снимен, додека спотот го изработи студио АСА.
„Шарени чадори“ настана како несекојдневен дел од програмата за изучување на македонскиот јазик во ОУ „Песталоци“, подрачје - медиумска култура. Основците од ова скопско училиште со помош на Џокси добија можност и директно да го видат целиот процес и да учествуваат во снимањето на песната и на нејзиниот видеоспот. (К.Ш.) |