Владата бара дисперзирани студии од Скопскиот универзитет
Недостигот од лаборатории ќе се реши со превоз до Скопје, им објаснил вицепремиерот Ивица Боцевски на деканите
Билјана Јовановска
По неуспешното отворање на десетици нови факултети низ државата, Владата го продолжува проектот со дисперзирани високообразовни институции. Откако уписите покажаа дека потенцијалните академци, сепак, повеќе сакаат да се запишат на етаблиран универзитет, отколку на факултетско новороденче во секој втор град, сега ја туркаат идејата за дисперзија на десетина факултети од Скопскиот универзитет.
На последната седница на Ректорската управа новата владина иницијатива на деканите им ја образложил вицепремиерот за европски прашања, Ивица Боцевски. Според замислата, Правниот факултет „Јустинијана Прима“ треба да отвори студии во Велес, Технолошко-металуршкиот во Куманово, Факултетот за информатика ќе се прошири во уште три града, Градежниот ќе биде во Гостивар и уште во еден град, а Машинскиот во Радовиш... Боцевски само соопштил дека дисперзираните студии ќе се отворат низ цела Македонија, но инсистирал одговорот да го добие веднаш, на истата седница. Кога деканите се обиделе да се спротивстават на одлуката, бидејќи дисперзирани студии не се отвораат за пет дена, Боцевски ги информирал дека тој има обврска на Владата да и' однесе позитивен одговор!
На деканите идејата не им се допаднала и имале повеќе забелешки. Се интересирале дали во буџетот има обезбедени средства за оваа скапа новина, на што одговорот бил негативен. Меѓутоа, вицепремиерот го пренел ветувањето дека Министерството за образование ќе изнајде средства. На Ректорската управа биле изнесени и отворени сомневања дека дисперзирањето на некои скопски факултети нема да биде гаранција за квалитет, зашто се неопходни и лаборатории, на што вицепремиерот изнел уште идеја дека Владата ќе купи автобуси и ќе ги превезува студентите до Скопје, каде што ќе ги користат лабораториите на матичните факултети!
Деканите успеале да купат време и добиле рок за размислување и подготовки до 9 септември. Кој прифатил, а кој ќе ја одбие иницијативата за дисперзија на скопските факултети низ внатрешноста, вчера не можеше да се дознае, зашто добар дел од високообразовните институции беа скептични кон владината одлука.
Неофицијално, на Скопскиот универзитет имаат големи резерви кон одлуката, ама дали некој и ќе се спротивстави, останува да се види. Јасно е дека со овој потег Владата сака да го искористи името и имиџот на најстариот државен универзитет и да привлече кандидати.
|