Статистиката ги топи платите под мраз
Вработените се чудат, платите им стојат, а Статистика вели - растат
Маја Томиќ
Сите офкаат поради ниските плати со кои не можат да си обезбедат нормална живејачка и да ги намират секојдневните трошоци. Тоа се однесува и на вработените во јавниот сектор, на кои Владата уште лани им ги замрзна платите за да ги стегне буџетските трошоци, и на оние што работат во приватниот сектор, каде што зголемувањето на платата е еднакво на убав сон. Факт е дека животниот стандард оди надолу и најголем дел од граѓаните се песимисти дека во скоро време ќе има некакво раздвижување во позитивна смисла. Така покажува практиката, а тоа го потврдија и неодамнешните истражувања на Државниот завод за статистика. Граѓаните се пожалиле на намалената куповна моќ и изјавиле дека сега, за разлика од лани, живеат многу полошо, затоа што се повисоки сите цени, односно имаат поголеми трошоци, а платите се исти. Статистиката во октомври регистрира пораст на цените на мало за 3,3 отсто во однос на ланскиот октомври, како и инфлација, односно зголемување на трошоците за живот за 2,7 отсто.
И покрај сето тоа, нето-платите во август годинава, како што веќе објави Статистика, биле за 3,4 отсто повисоки во споредба со истиот месец лани, а тоа било резултат на зголемувањето на платите во преработувачката индустрија за 7,9 отсто, во рударството и вадењето камен за 6,3 отсто и во образованието за 6,2 отсто. Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство се чуди од каде се извлечени бројките за зголемување на платите на вработените од овие сектори.
„Синдикатот нема сознанија за зголемување на платите во изминатите месеци. Ние ги следиме состојбите на теренот, а како потписници на колективни договори, секако, мораме да знаеме дали и каде има зголемување на плати. Такви информации немаме. Можеби периодично во некои фирми се исплатени повеќе пари поради прекувремена работа или сезонски вработувања што ги имаат преку лето, но тоа не е исто што и зголемена плата. Ова посебно се однесува на металургијата, хемиската индустрија и на рударството. Не е јасно како Статистика регистрира пораст на платите и кому тоа му оди во прилог“, вели Пеце Ристовски од СИЕР, Синдикат на индустрија, енергетика и рударство.
Тој додава дека најлоша процена за реалната висина на платите во државата настанала со воведувањето на брутото, односно кога парите за храна и за превоз влегоа во целата плата, со што статистички тие скокнаа за повеќе проценти, иако вработените ги земаат истите плати како и претходно.
За разлика од преработувачкиот и од рударскиот сектор, платите се зголемиле кај вработените во образованието. Од Министерството за образование велат дека имале нагорни корекции во текот на минатата година и до пролетта годинава. Всушност, објаснуваат дека станува збор за усогласување - израмнување на платите во образованието во согласност со колективниот договор и со одлуката на Уставен суд, а тоа се движело во рамки од два до 22 процента.
Од Државниот завод за статистика не добивме објаснување врз каква основа нето-платата во август се зголемила. Според официјалното соопштение на ДЗС, во податоците за просечната исплатена нето-плата, покрај редовните, се вклучуваат и заостанатите исплати на оние што нередовно примаат плата. Според дефиницијата, вкупно исплатените нето-плати опфаќаат исплатени плати во месецот за полно работно време, како и за покусо и подолго работно време (прекувремена работа). Се вклучуваат и надоместоците од плата, како што се оние за годишен одмор, за државни празници, за платено отсуство до седум дена, отсуство за стручно образование, за боледување до 21 ден и слично. |