Kaлиопи од концерт на Нијагарските Водопади
Македонската поп-дива Калиопи во петокот вечерта го одржа својот најавуван концерт во Торонто што воедно претставуваше и нејзино прво претставување пред македонската дијаспора во Канада.
На концертот во преполната сала на „Роуз театар брамптон“ (Rose Theatre Brampton), во кој досега настапувале голем број светски музички ѕвезди, покрај Македонци што живеат и работат во Канада, присуствувале и голем број фанови на Калиопи од другите поранешни југословенски републики. Придружувана од својот бенд во полн состав, Калиопи го започна концертот со песните од најновиот албум „Порака“ на кои публиката реагирала фантастично. Баладите минале во тивка и неверојатно емотивна атмосфера, додека, пак, побрзите теми биле придружени со аплаузи и спонтано станување од столовите. Посебен и најинтимен момент на концертот бил кога бендот ја напуштил сцената, а Калиопи, сама, на концертен клавир ја отпеала антологиската „Не плачи“.
Секако, се слушнале и преработките на „Македонско девојче“ и „Јовано Јованке“, а концертот траел цели 2 часа. За крај била оставена песната „На пат до Македонија“, а по завршувањето, Калиопи се дружела со публиката, потпишувала цедиња и делела автограми.
За време на гостувањето во Канада, Калиопи и нејзиниот тим скокнале и до Нијагарските Водопадите, а во нејзина чест бил организиран и прием кај поранешниот југословенски конзул во Канада и македонски бизнисмен Михајло Дика. (К.Ш.)
|