„Струшка музичка есен“ по 35. пат
Главна тема на годинашното издание на манифестацијата е македонската музика, проблеми и перспективи
Со концертот на црковниот хор „Калистрат Зографски“ во црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, в петок ќе почне 35. меѓународна музичко научна манифестација „Струшка музичка есен“.
Претседателот на Сојузот на ком��озитори на Македонија – СОКОМ, Марко Коловски на вчерашната средба со новинарите рече дека на македонското музичко творештво му е потребна поддршка од музичките научници, музиколози и етномузиколози.
Коловски изрази надеж дека и годинава „Струшка музичка есен“ ќе го задржи континуитетот и оти ќе даде дополнителен придонес во објаснувањето на македонската музичка сегашност и на македонското музичко минато.
Велика Стојкова-Серафимовска, селектор на манифестацијата информираше за програмскиот дел од манифестацијата и меѓу другото подвлече дека програмата е поделена на четири области: музикологија, музичка педагогија, медијавистика и етномузикологија. Главна тема на годинашнава „Струшка музичка есен“ е македонската музика, проблеми и перспективи. Стојкова-Серафимовска најави сесија за проблемите и перспективите за интелектуалната сопственост и културните експресии, посебна вечер за 150 годишнината од раѓањето на македонскиот композитор Атанас Бадев, биографско излагање за неговиот живот и дејност и изведба на неговата литургија. Годинава, манифестацијата ќе иницира основање Национален комитет при ИЦТМ - Интернационален совет за традиционална музика, што се занимава со изучување на традиционалната музика и танц.
Ивона Опетческа-Татарчевска, член на СОКОМ, потенцираше дека Струга покрај манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ во УНЕСКО ќе остане запишана и како град-домаќин во кој се формираше студиската група за музиката и танцот на Југоисточна Европа. Оваа година имаат намера да формираат Национален комитет на ИЦТМ во Република Македонија, за врски со оваа светска организација. „Националните комитети освен што имаат намера да регрутираат млади истражувачи, да ги промовираат во светски рамки, нивна цел е да актуелизираат проблеми и состојби во регионот и на национално ниво, и тоа да го презентираат во светски рамки“, рече Опетческа- Татарчевска и додаде дека „ИЦТМ вмрежува повеќе од 2.300 институции во светот, катедри релевантни институции и организации од неформален карактер кои се занимаваат со истражување на музиката и танцот“.
Манифестацијата „Струшка музичка есен“ ќе трае до недела. (Н.П.) |