Винарските визби збеснаа по „смедеревка“, до лани не ја мирисаа
Лозарите се жалат дека иако белото грозје се бара, сепак, тоа не може да ја достигне ланската цена од девет денари
Александрија Стевковска
Белата сорта на грозје „смедеревка“ годинава е најатрактивна за откуп од страна на винарските визби, за разлика од претходните години кога за неа немаше никаков интерес. Минатогодишната незаинтересираност за оваа некогаш најзастапена сорта грозје во лозовите насади доведе до ископачување на големи површини „смедеревка“. Лозарите, сепак, се жалат дека иако белото грозје се бара, тоа не може да ја достигне минатогодишната цена од девет денари.
Годинава помош во откупот на грозјето се најавува од Србија, чии винарски визби, кои немаат сопствено производство на грозје, според српските медиуми, ќе преземат околу 16.000 тони грозје. Најавата за побарувачка на нашето грозје од страна на северниот сосед доаѓа поради недоволниот род на грозје во Србија. Имено, тамошните лозари најавуваат дека годинава ќе соберат околу 350.000 тони грозје со одличен квалитет, а и винарите најавуваат дека виното ќе се памети по годинашната берба, меѓутоа, иако родот е добар, тој е и недоволен, бидејќи има се' повеќе запуштени лозови насади. Токму тоа е причина што српските винарски визби планираат увоз на грозје од Македонија.
„Во тек е бербата на ’смедеревката‘, но за неа иако првично имаше најави дека визбите се заинтересирани да ја откупуваат, сега интересот е спласнат, па веројатно дел од оваа сорта грозје ќе остане неоткупен. За преземање на црвените и црни сорти грозје, пак, воопшто нема интерес. Освен што нема побарувачка, годинава и цената на винското грозје е намалена, што ќе значи катастрофален завршеток на оваа откупна сезона“, вели Љупчо Аризанов од кавадаречкото здружение на лозарите „Агротиквешија“.
Од ова здружение обвинуваат дека винарските визби прво ги натерале да ја ископачат „смедеревката“, а сега ја бараат за откуп. Тие изминативе две години на местото на ова нискоквалитетна сорта грозје по препорака на винарските визби и Министерството за земјоделство засадиле висококвалитетен „вранец“, кој до оваа година беше многу барана сорта.
„Годинава, кога ’вранецот‘ е застапен со 20 отсто повеќе од ’смедеревката‘, винарските визби откупуваат само нискоквалитетно бело грозје. Црното висококвалитетно скапува на плантажите, оти никој не е заинтересиран за него“, велат од „Агротиквешија“.
Според винарските визби, главна причина за поголемиот интерес за „смедеревка“ е во фактот дека од минатата година се натрупаа големи резерви црвено вино, поради што годинава има многу мала заинтересираност за црвените сорти грозје. Оваа сезона актуелни се белите вина, но „смедеревката“ се откупува и за мешање со другите сорти грозје. „Оваа година голем е родот на ’вранецот‘, а големи се и резервите од ова вино од минатата година, поради што некои визби повеќе се заинтересирани за ’смедеревката‘, отколку за другите сорти грозје“, потврдува Зоран Даневски, сопственикот на агрокомбинатот „Џумајлија“.
Сепак, според него, последниве години лозаро-винарскиот сектор е турнат во бездна, поради неизградениот бренд на македонското вино и поради јаката конкуренција на вина од Шпанија, Италија, од Аргентина.
„Сите тие вина на пазарот можат да се најдат по екстремно ниски цени, кои нас не' исфрлаат од игра. Сега македонските винарски визби се обидуваат да се пробијат на пазарите преку продажба на флаширано вино, но тој процес оди многу бавно и бара многу време, пари, заеднички маркетинг на визбите“, додава Даневски. |