Скопје кога „сите беа еднакви“

На 27 јануари првпат ќе биде отворена изложба за градот од 1945 до 70. години на 20 век
Катерина Богоева
Културниот идентитет на градот Скопје во 50 -ти, 60 - ти и 70 - ти години на 20 век, за прв пат ќе се најде во фокусот на истоимената изложба што на 27 јануари, во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на град Скопје. Ќе бидат презентирани досега собраните предмети од новата музејска збирка од тој период кој граѓаните, со кои разговарале етнолозите - автори, вишите кустоси, Славица Христова и Тања Ѓорѓиовска, го опишале како период без егзистенцијални проблеми, период со ред и правила, период во кој „сите биле еднакви“.
Градот е истражуван во своите некогашни граници во рамки на на тригодишен проект и е продолжение на претходниот веќе презентиран, „Скопје 1919 -1941“. Реализиран е под менторство на д-р Анета Светиева. Скопје бил широк 19 километри, а ги проширил своите граници по земјотресот во 1963 година со доградување на новите населби: Тафталиџе, Водно, Кисела Вода, Бутел. Етнолозите го истражувале само градското јадро со маалата, без приградските нас��лби, проучувајќи материјали во библиотеките, во семејствата и воедно оформувајќи ја новата збирка која засега не е многу голема и ја чинат 50 -60 - тина донирани предмети.Во неа има апарати од домаќинство, покуќнина, облека, играчки, фотографии, грамофонски плочи, парчиња мебел и др.
„Апелираме до граѓаните кои имаат предмети од овој период што не им се потребни, да му ги донираат на музејот за да останат како музејска збирка. Исто така постои можност предметите да бидат и откупувани. Го истражувавме целокупниот тогашен живот на Скопје за да го презентираме неговиот културен идентитет, но градот сепак треба да продолжи повеќеслојно да се истражува, бидејќи во тој период доживува огромни промени и подем во секаков поглед. Бројот на неговото население поради населувањето се зголемил неколку пати. Ако по Втората светска војна имало 70 илјади жители, во 1981 година бројот е зголемен на 505 илјади жители. Во тој период, за прв пат добил стопански развој,а луѓето можност за вработување во големите фабрики кои во него се отвориле. Во секој поглед се зголемувал животниот стандард, а Скопје постепено почнало да се шири, добило нови урбанистички планови кои многу го смениле не само неговиот лик, туку и неговиот маалски или градски начин на живеење.Тоа се и години кога влијанието од поранешните југословенски, но и од западните земји е многу големо, а и во голема мера навлегуваат и медиумите. Но градот и покрај доселениците и сите промени, успеал да го одржи претходниот градски живот. Граѓаните продолжиле со одење во кафеана, во кино, на театар, продолжиле со маалскиот живот, со боемството, со соседскиот живот, со одржување на дел од традициите и обичаите од претходниот период што биле негови белези“, вели Славица Христова .
Во оваа прилика ќе бидат презентирани податоци за: населението, урбаниот развој, сообраќајот, индустријализацијата, занаетчиството, снабдувањето на градот, здравствено -социјалната политика, образованието, културниот живот, фолклорот, ликовната уметност, драмата, куклениот театар, операта, филхармонијата, весниците и списанијата, филмот, кината, скопските фестивали, скопските кафеани и хотели, скопските плажи, забавата на младите, излетничките места, спортот, домувањето, модата, прославите...
Скопјани во оваа прилика ќе можат да се потсетат на изгледот на многу предмети кои им биле дел од секојдневието, како што е на пример и мрежата за купување на намирници наречена „може бити’, која се носела за секој случај, ако се налета на неопходните намирници кои не им биле секогаш достапни.
Меѓу другите ќе бидат изложени и фотографии од 50 - тите години на минатиот век со сцена од претставата „Чорбаџи Теодос“ со актерот Тодорче Николовски, од балетската претстава „Заспаната убавица“ од 1955 година, едно радио марка „Риз“ од 1960 година, како и грамофонски и плочи од истата година, но и омоти на плочи на музичките групи „Леб и сол“ и „Бис - Без“ . Некој од посетителите ќе може да се видат и на фотографии од одржуваните журки, излети, забави, прослави во градот и надвор од него, од популарните излетнички места и одморите, а ќе бидат изложени и парчиња гардероба кои ќе ја отсликаат тогашната мода.
Важен момент во забавниот живот на Скопје тогаш била посетата на кината. Со извесно задоцнување биле прикажувани новите филмски хитови. Во Скопје во 1945 работеле кината „Уранија“, „Младина“, „Вардар“, „Македонија“ и „Нова Југославија“. Репертоарот на кината во 1945 година бил различен во различни скопски кина. Така на пример, во „Уранија“ и „Вардар“ се „вртеле“ советски филмови, во „Младина“ американски комедии со Стан Лауер и Оливер Харди, а во „Нова Југославија“ се прикажувале каубојски филмови.
Во периодот од 1956 до 1961 година во Скопје биле изградени две нови кина, во тек била изградбата на киносалата во населбата Карпош и надградбата на кино „Вардар“. Бројот на местата во кината од 6.900 седишта во 1956 година се зголемил на 9. 105 во 1961 година.Во 1965 година во во Скопје работеле кината „Вардар “, „Култура“, „Балкан бавча“, „Напредок“, „Бамби“, „Карпош“, „Драчево“, „Парк“ -летна сцена во паркот, „Киусела Вода„ и „Дом на градежните работници“. Во 1981 година, во градот имало 20 кино сали.
Етнологот Славица Христова забележува дека во 1945 година на прославата на Водици присуствувале и сите битни политичари, а во весниците се објавувале и верски календари. „И покрај комунизмот многумина продолжиле во рамките на семејството да си ги практикуваат црковните обичаи и да си ги слават празниците. Познати се и тајните крштевања на децата од страна на бабите и дедовците и тоа никој на граѓаните не можел да им го одземе. Во 1975 - 76 година веќе почнало на Велигден да се оди во црквата „Св. Димитрија“ и да се останува по цела ноќ.“.
Скопје кон крајот на 20 век, етнолозите го идентификуваат како град на културни контрасти кој е насочен кон прифаќање на современите цивилизирани норми, но кој сепак, не успева целосно во намерата, бидејќи постојано во него и во неговата најблиска околина се доселуваат доселеници од различно етничко потекло со различни културни навики. Меѓу нив, велат има и такви кои не се комплементарни со градскиот начин на живеење. |