„Крај-пат“ - локално универзална приказна
Првиот роман на Игор Анѓелков во издание на „Или-или“ ќе ја доживее својата промоција утре во „Менада“
Деби романот „Крај-пат“ на Игор Анѓелков, чиј издавач е „Или-или“, утре во 20 часот, во „Менада“, ќе ја доживее својата промоција. Книгата ќе ја промовира писателката Оливера Ќорвезироска, а настанот ќе биде збогатен со музички настап на Александар Пешевски-Салеман на акустична гитара, како и на бендот „Роуџ Риф“.
По одличното дебитантско остварување од 2006 година, збирката раскази „Кротки приказни“ , која, исто така, ја издаде „Или-или“, а што наиде на одличен прием кај домашните читатели, Игор Анѓелков овој пат реши да влезе и во романсиерските води. Неговиот прв роман „Крај-пат“ го носи поднасловот „off the road приказна“, а дејството е сместено во предградието на велеградот, тука, во нашата околина, во време кога сите сме дел од „глобалното село“. Така, авторот пишувајќи локална, истовремено создава и универзална приказна. Ликовите се дел од едно семејство, кое делумно ги прифаќа новините што ги налага модерното живеење, но, сепак, тие повеќе се вљубени во некои поинакви, малку подзаборавени вредности, што едноставно човекот го прават човек.
Низ одлично водење на нарацијата во текот на сите страници, приказната нуди еден сосема нов и свеж поглед врз нашето секојдневје, обременето со премногу информации, бивствување што, сепак, ги содржи оние мали нешта и ликови, кои во себе кријат прекрасни животни стории. Од поглавје во поглавје, авторот прави суптилни „филмски резови“, удирајќи им шлаканица на патетичните домашни раскажувачки писма со кои сме опседнати во последниве десетлетија. Портретирањето на ликовите е со минимални јазични средства, но токму таквата постапка, таквиот раскажувачки стил тивко се наметнува и ве остава без здив.
Писателката Оливера Ќорвезировска во поговорот на книгата потенцира дека романот на Игор Анѓелков претставува нов здив и дава нова свежина во домашната литература. „’Крај-пат‘, во најбуквална и најбанална смисла на зборот, не се остава од рацете кога ќе почне да се чита. Вакво меко, тивко, а истовремено моќно портретирање на ликовите со минимални и строго селектирани јазични средства одамна не сме прочитале од домашен автор“, вели Ќорвезироска.
Игор Анѓелков е роден во 1974 година во Скопје. Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет. Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на музиката и филмот. Својата нулта, самиздат книга насловена „Четири“, ја објави во 1996 година, а потоа следуваше приредувањето на колекцијата „Графити“ („Темплум“, 2005). „Кротки приказни“ официјално е неговата прва збирка со раскази, додека „Семафор“ беше преведен и објавен во антологијата на современ македонски расказ во хрватското списание „Књижевна ревија“ од 2009 година. (Т.И.) |