24.01.2011, 16:58 Роман на годината
„Готен“
Од денеска објавуваме извадоци од романите што конкурираат за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Прв е извадокот од романот „Готен“ од Роберт Алаѓозовски, издание на „Готен“
Житие
Писана е оваа книга, по заповест негова, на доброчинителниот, богопосветениот, скромниот, врлиот, многустрадниот, светиот, господин Јоаким, спасителот мој и втор татко, устроителот на многу добри дела, градителот на кралството наше и задужбинар, за да остане трага за делата негови и маките наши, за родот наш, зашто откорнат би ко плева, а што остана изгуби му се трага, како растиње диво крај напуштена јама, се измеша со род друг, а правоверен, со род друг и шизматички, и приморан би и насилно одведен да биде род исмаелитски, да има вера друга, неверничка, и да прави злостори тешки и богохулни дела над сопствениот род заборавен. Да би оваа книга богољубива била, и написана угодно од мене раба, грешнаго и неспретнаго, да би останала с веком и сведочила,
Благослови Оче!
Јас воопшто не се чувствував подготвен да ја напишам оваа книга. Како што не бев ниту подготвен да станам бергмајстер и утман, заменик и замена на Јоаким. Јас бев високо и слабо, болежливо момче, немав ни усет, ни дарба, ни волја, ни храброст да се фатам ниту со сложеноста на земскиот живот, а камоли, пак, со една толку тешка и толку многукатна работа како што е рударењето. Јас бев Сасин и син на кус и кратковечен фосер од Сребреница, предвреме потопен во длабините на жолот откако со несоодветен удар на крамп, неук Србин ја беше пробил штовната под која копале. Но, да се биде фосер и не бара голем подвиг. Да се следи жилата светла и сребрена во црнилото на земјата, како вампирски заби среде гробен мрак, ден по ден, ден по ден, а денот темен ко ноќ. Не беше тешко да се биде Сасин во Склавонија, зашто кнезовите Сасин бараа па макар и црн ѓавол да бил, и секој брзаше Сасин да се пише, и викаа Сасин тоа не е род, тоа е занимање, а Сасите викаа, за да бидеш Сас треба да си роден Сас, шашкото треба да ти е во крвта, и затоа не требаше голем напор па Сасин од фосер Ватурец да стане, ама татко ми Хајнц, си остана и фосер и Сасин, цел живот, се' дури црната смрт не го проголта.
Згреши Јоаким кога помисли дека од мене бергман ќе биде. Него цел живот го носеше помислата дека само од Сасин бергман бидува. Јас пак, си ја носев саската крв, ама крвта - на татко ми. Јас многу сакав црни слова, црни слова на бела книга да препишувам. Дури одеа Сасите во светла одежда во шашка црква секоја недела, да се помолат и што побрзо дома да заминат, рујно вино и бела ракија да се напијат, парче брав празничен во уста да изџвакаат, и потоа диво да за’рчат, јас со истата практичност чекав мисата да заврши па да се скријам во ќелијата на дијакот и да го гледам, како долго, долго, цело попладне црно писмо, на бела книга препишува. Затоа бев пресреќен, што по четириесетдневна жалост, мајка ми реши да ме прати кај опатот Никола во Дубица. Иако тоа значеше крај на нејзиниот јавен живот во Сребреница, зашто сите Саси ја презреа, шашко дете така да фироса, таа беше силна во желбата да му стави крај на саското проклетство, на саската судбина. |