04.11.2012, 16:16 СДСМ: Буџетот нема да ја реши кризата
Предложениот буџет за 2013 година нема да ја подобри економијата и животниот стандард на граѓаните, смета опозицискиот СДСМ.
Според потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, предвидената стапка на раст од 2 проценти нема ништо суштински да ја подобри економијата.
„За в година Владата предвидува пораст на трошоците на животот за 3,5 проценти. Имајќи предвид дека основицата за споредба е веќе висока за годинава, порастот за 2013 година е релативно висок. Ако се знае колку големо е учеството на храната и на основните животни продукти во индексот на трошоците на живот, може да се заклучи дека животни��т стандард на граѓаните ќе продолжи да се намалува“, рече Јовановски.
Во однос на буџетскиот дефицит, тој посочи дека тој се зголемува за 40 проценти и е дел од фактурата за проектот „Скопје 2014“.
„Повторно од Владата е игнориран нашиот предлог на секое семејство во кое никој не работи, да му се даде ваучер од 2 илјади денари за купување македонски прехранбени производи за да може барем малку полесно да ги преживее овие тешки времиња“, посочи Јовановски на денешниот прес во Битола.
„Кога се во опозиција само критикуваат и даваат популистички предлози, кога се на власт, економијата тоне, а корупцијата владее“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на пресот на Зоран Јовановски.
Се додава дека, да беше СДСМ на власт во период на четири и полгодишна светска и европска криза, денес Македонија ќе беше во ситуација на банкрот. „Пензиите, субвенциите, социјалната помош и платите ќе се намалуваа наместо да растат“, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се наведува дека буџетот за 2013 година предвидува рекордни 388 милиони евра за капитални инвестиции, средства кои се наменети за проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на граѓаните.
„Ќе продолжиме да работиме на подобрување на квалитетот на живот во државава. Но реално, ако останало толку да се работи, значи претходната влада на СДСМ не дала воопшто придонес на тоа поле, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ. |