02.11.2012, 15:56 Бунтовници масакрирале сириски војници
Амнести интернешенел смета дека снимката за масовна егзекуција е воено злосторство
Групата Амнести интернешенел ја осуди, како што се претпоставува, масовната егзекуција на сириски владини војници од страна на бунтовници на видеоснимка објавена онлајн. Групата за човекови права соопшти дека убиствата што се случиле во четвртокот – доколку бидат потврдени – претставуваат „воено злосторство“.
Наводните егзекуции се случиле откако бунтовниците зазеле воени контролни пунктови меѓу Дамаск и Алепо. На видеоснимката, наводно, се прикажани бунтовници како удираат и туркаат десетина војници на земја, како што се чини, во заземен контролен пункт. Потоа бил отворен оган врз згрчените тела.
Во соопштението, Амнести истакнува: „Оваа шокантна снимка покажува потенцијално воено злосторство во напредок и демонстрира апсолутно непочитување на меѓународното хуманитарно право од вооружените групи во овој случај“.
Досега ниту една група не призна дека ги извршила наводните убиства. Но, се претпоставува дека е одговорна екстремистичката исламистичка група, фронтот „Ал-Нусра“, јавува дописникот на Би-Би-Си од соседен Либан. (Би-Би-Си)
|