02.11.2012, 13:06 Ракометарите преку Португалија до Данска
Во неделниот меч од квалификациите за ЕП повторно без Наумче Мојсоски, но се враќа Ристовски, придодадени и Ојлески и Златко Мојсоски, а отпаднаа Ангелов, Алушовски и Георгиевски
Најдобрите македонски ракометари викендов можат, практично, да ги решат квалификациите за Европското првенство што во јануари 2014 година ќе се одржи во Данска. Со победа над Португалија в недела од 18 ч. во Ешпињо, „црвено-жолтите“ ќе го задржат чекорот со носителот во првата група, Шпанија, а на рака им оди и тоа што и најдоброто трето место од седумте квалификациски групи оди на ЕП, благодарение на тоа што бранителот на титулата е и домаќин на шампионатот.
Судејќи според резултатите на стартот, кога Македонија си поигруваше со Швајцарија, а Португалците беа оддувани од „фуријата“ со 34:20 во Севилја, јасно е кој ја има фаворитската улога. Дотолку повеќе што Македонија е петта во Европа и со изборено учество на мундијалот во Шпанија, а Португалија нема видено големо натпреварување веќе шест години. Сепак, избраниците на селекторот Звонко Шундовски не мислат дека патувањето до крајниот југозапад на континентот ќе биде обична прошетка.
„Не' очекува, според мене, многу тежок натпревар, кој може да реши многу работи. Со враќањето на Борко ќе бидеме покомплетни и ќе пробаме да одиграме на високо ниво, така како што знаеме. Ако бидеме ’вистински‘, мислам дека имаме шанси на тој меч“, вели пикерот Ванчо Димовски. „Овие две средби се како увертира на Светското првенство. Треба да останеме мирни, на земја. Ништо нема да значи неочекувано лесно извојуваната победа над Швајцарија, ако не ја потврдиме в недела“.
„По долги години со Матс Олсон, сега селектор им е домашен тренер (Роландо Фреиташ - н.з.), што значи дека ќе настапат попатриотски, ќе бидат мотивирани и агресивни. Но, имаме добро искуство со нив од минатото. На еден турнир во Норвешка пред две години исто така некомплетни ги добивме. Станува збор за млада, брза и полетна репрезентација, против која сигурно дека нема да ни биде лесно. Се надевам дека ќе го одиграме она што го знаеме и оти таму ќе се претставиме во уште подобро светло в недела“, додава капитенот Кирил Лазаров.
Повредениот лев бек Наумче Мојсоски ќе го прескокне и овој натпревар, но по суспензијата од еден меч на голот се враќа Борко Ристовски. Нему партнер ќе му биде Никола Митревски, кој блескаше во средата и доби предност во однос на реконвалесцентот Петре Ангелов. Најголема новина во однос на дуелот со Швајцарија е тоа што левото крило на Вардар про, Гоце Ојлески, ќе го замени речиси две децении незаменливиот Стевче Алушовски. Шундовски тоа го објаснува со потребата од подмладување, но го демантира изборот на десно крило, каде што одново извиси првиот избор на Лино Червар во Металург, Гоце Георгиевски (25), за сметка на Златко Мојсоски, кој на 15 ноември ќе наполни 31 година. (Р.Д.)
|