02.11.2012, 14:02 Полјакот Јанович со скалпот на Мари!
По елиминацијата на Ѓоковиќ, куферите рано ги спакува и Британецот, но и победникот од Базел, Дел Потро
Фаворитите паѓаат како покосени на тенискиот мастерс во Париз. По Новак Ѓоковиќ сега куферите ги спакува и Енди Мари, а овој пат творец на сензацијата беше 69. светски рекет Јержи Јанович. Полјакот, кој ја бележи најдобрата недела досега, го одигра мечот на кариерата, триумфирајќи по пресврт со 5-7, 7-6, 6-2. Мечот изгледаше како и секој друг што Мари го добива кога сервираше при водство од 5-4 во вториот сет. Дојде до 30-0, а потоа имаше и меч-топка, но направи грешка, а упорниот 21-годишник го искористи тоа. Направи тајбрејк, го доби со 7-4, а потоа, охрабрен, поведе со 5-1, од што немаше враќање.
„Не можев да очекувам вакво нешто. Не сум сигурен што треба да кажам по меч како овој, ова е неверојатно“, проговори возбудениот Јанович, кој во првите две кола ги покори Колшрајбер и Чилиќ и во пресметката со Мари влезе со 8:0 во сетови, сметајќи ги и квалификациите.
Јержи Јанович ја покажа неговата емотивна страна, па на прес-конференцијата по мечот откри дел од своето животно патешествие.
„Не ми е лесно да зборувам за оваа недела, бидејќи имав многу тешки моменти во животот и ова е како филм за мене“, почна Полјакот. Со проблеми да одржи привидна смиреност, откри како неговите вложиле се' што поседувале за тој да може да го оплоди својот талент. „Знаете, имав проблеми во животот. Прво, имав тешкотии да најдам спонзори, па моите ги продадоа продавниците и становите што ги имаа за да можам да создадам кариера. Знаеја дека можам да успеам, бидејќи уште од мал го сакав тенисот. Како двегодишен сум трчал со рекет во рацете, иако не сум можел да удрам топче“, рече Јанович и продолжи збунето: „Би сакал да имав неколку дена за да сфатам што се случи и да знам како да продолжам“.
Следна негова пречка ќе биде осмиот носител Јанко Типсаревиќ, кој вчера го надигра Хуан Монако со 6-3, 3-6, 6-3.
Што се однесува до Мари, тој само се надоврза на фрапантната елиминација на Новак Ѓоковиќ еден ден порано и почна прерано да размислува на АТП-финалето во Лондон.
„Времето ќе покаже како овие порази ќе влијаат на нашиот перформанс во Лондон. Можеби момците што ќе стигнат подалеку овде ќе имаат повеќе самодоверба тогаш“, се осврна Шкотланѓанецот на она што го очекува.
Единствената среќа на Хуан Мартин дел Потро во осминафиналето беше елиминацијата на Мари, така што тој не беше во центарот на вниманието. Аргентинецот одигра лошо против Микаел Лодра и загуби со 6-4, 6-3 за само 70 минути.
КВЕРИ ��О ИСФРЛИ И РАОНИЌ
Резултати: Јанович (Полска) - Мари (3., Велика Британија) 5-7, 7-6, 6-2; Ферер (4., Шпанија) - Вавринка (16., Швајцарија) 6-2, 4-6, 6-2; Бердих (5., Чешка) - Андерсон (Јужна Африка) 1-6, 6-3, 6-4; Цонга (6., Франција) - Алмагро (11., Шпанија) 7-6, 7-6; Лодра (Франција) - Дел Потро (7., Аргентина) 6-4, 6-3; Типсаревиќ (8., Србија) - Монако (9., Аргентина) 6-3, 3-6, 6-3; Квери (САД) - Раониќ (14., Канада) 6-3, 7-6; Симон (Франција) - Нишикори (15., Јапонија) предадено.
|