02.11.2012, 09:44 Грчкиот новинар ослободен од обвинувањата
Атина - Новинарот Костас Ваксеванис синоќа беше прогласен за невин и ослобен од обвинувањата против него. Грчкото обвинителство започна процес против Ваксеванис со објаснување дека објавил лични податоци при објавување на листата Лагард со имиња на над 2000 грчки граѓани кои имале сметки во Швајцарија.
„Да, победивте. Ви благодарам“, напиша Ваксеванис на неговиот Твитер профил, заблагодарувајќи им на сите граѓани и колеги кои му изразија поддршка. Ваксеванис беше приведен во неделата, веднаш по објавување на листата за која тврди дека е листата која шефицата на ММФ, Кристин Лагард во 2010 како министерка за финансии му ја предала на тогашниот грчки министер за финансии Јоргос Папаконстантину. Судењето на Ваксеванис започна вчера претпладне и за многумина беше тест на грчката демократија и слобода на говор.
Во истите моменти кога во судницата во Атина започна процесот против Ваксеванис беше објавено дека финансискиот јавен обвинител ја испратил листата во грчкото собрание со законско барање за одговорност од министрите за финансии. Во суштина со ова повторно ќе бидат ставени под лупа поранешните министри за финансии кои ја имале листата, Јоргос Папаконстантину и Евагелос Венизелос, на кои доколку биде утврдено дека имаат одговорност за необјавување на листата можно е да им биде изречена парична казна.
Адвокатот на Ваксеванис, Никос Константопулос ја оцени ситуацијата на грчкото судство и правен систем како „институционална шизофренија“, коментирајќи дека е надреално во моменти кога листата е испратена во собрание да се бара одговорност од поранешните министри да се продолжи со судењето на Ваксеванис кој ја објави листата. Она што е уште поинтересно според адвокатот е дека во процесот против Ваксеванис, кој се товари за прекршување на законот преку објавување лични податоци, е дека обинителот нема ниту еден сведок, ниту еден тужител од споменатите на листата против Ваксеванис, со што се прекршуваат принципите на фер и отворено судење.
Во одбрана на новинарот застанаа пратеничка на СИРИЗА, Зои Константопулу која изминатите денови во собранието остро бараше да се испита листата Лагард, претседателот на Меѓународното здружение на новинари, Џим Бумела и преседателот на грчкиот новинарски синдикат, Димитрис Тримис. Сведоците на Ваксеванис во текот на целото судење ја поддржаа тезата дека Ваксеванис од моментот кога ја имал листата имал новинарска должност да ги објави податоците кои се од интерес на јавноста. Бумела потенцирал дека судењето на Ваксеванис е надвор од секоја логика затоа што се подразбира дека новинарите имаат должност да објават вакви инормации од јавен интерес.
Многумина во Грција го оценија брзото апсење на Ваксеванис како апсурдно и цврст доказ за тоа дека грчкиот правен систем е нефунцкионален и наместо да ги гони големите затајаувачи на данок ги гони оние кои ги обелоденуваат криминалците. Ваксеванис својот случај директно го објасни преку колумни во „Гардијан“ и „Тајмс“. (М.П.) |