01.11.2012, 15:29 Амандманите на Законот за бранители доставени до пратениците
Собранието на Република Македонија денеска по електронска пошта до пратениците ги достави сите 15.500 амандмани на Предлог законот за посебни права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, по скратена постапка.
Сите амандмани се заведени, скенирани и достапни во собранискиот систем односно е-Парламент, и како што информираат од собраниските служби, во текот на попладнево ќе бидат ставени и на официјалната парламентарна собраниска страница.
Освен 15.451 амандман на ДУИ, околу 25 амандмани за предложениот текст доставил и пратеникот Изет Зеќири од НДП.
Собраниската Законодавно – правна комисија, на чиј дневен ред на денешната седница беше Предлог-законот, го прекина заседанието бидејќи текстот се уште не е разгледан од матичната Комисијата за труд и социјална политика. Седницата на оваа Комисија, пак, е закажана за утре претпладне. Првично Комисијата требаше да заседава денеска, но претседателката Цветанка Иванова од СДСМ ја презакажа за утре.
Од Собранието информираат дека рокот за доставување нови амандмани завршил бидејќи веќе започнале комисиските разгледувања односно денешната Законодавно-правна комисија.
Предлог законот за посебните права на бранителите повторно влезе во собраниска процедура откако пратениците во рамки на утврдувањето на дневниот ред на 45. седница гласаа тој да се разгледува по скратена постапка. Претходно ВМРО-ДПМНЕ, како поднесувач на законот, го повлече текстот од редовна постапка со цел да ја одблокира работата на Комисијата за труд и социјална политика. ДУИ ја блокира работата на Комисијата бидејќи смета дека законот е дискриминирачки и треба да ги опфати двете страни во конфликтот во 2001 година.
|