02.11.2012, 09:59 Mетеоролозите најавуваат нова бура во САД
Уште една бура би можела да предизвика проблеми ден по претседателските избори на источниот брег НА САД, кој е разурнат од супербурата Сенди, предупредуваат американските метеоролози.
Тие истакнуваат дека до таа бура има уште неколку денови и оти е рано за загриженост. Како и дека е можна промена на временската прогноза.
Центарот за временска прогноза при Националната метеоролошка служба која ги следи зимските бури соопшти дека постои можност уште една бура да го погоди среден Атлантик и Нова Англија.
Метеорологот Брус Саливан тврди дека новата бура нема да биде разорна како супербурата Сенди и оти не е тропска. Бурата би можела да донесе снег во внатрешноста на Нова Англија и во Њујорк, ерозија на плажите и силни ветрови во подрачјата погодени од Сенди, како и умерен или силен дожд.
Во налетот на Сенди во САД и во Канада загинаа 95 лица.
Во сојузната држава Њујорк загинаа 47 лица, од кои 39 се во градот Њујорк.
Во Њу Џерси бројот на жртвите е 13, во Мериленд - 11, во Пенсилванија - девет, во Западна Вирџинија - шест, во Конектикат - четворица, во Вирџинија и Северна Каролина - по двајца.
Во канадскиот град Торонто Сенди однесе еден живот.
При налетот на ураганот во Карибскиот регион загинаа 69 луѓе. Најголем број на жртви има на Хаити - 54, додека на Куба загинале 11 лица. |