01.11.2012, 16:09 Опозицијата ја обвини Регулаторна за нетранспарентна работа
Собранието расправаше по интерпелацијата за работата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров
Сите граѓани кои плаќаат парно, трошат електрична енергија и полнат бензин во автомобилите сакаат оваа интерпелација да успее. Вака пратеникот на СДСМ, Марјанчо Николов, ја започна расправата во Собранието по интерпелацијата за работата на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Димитар Петров, откако Владата го игнорираше барањето на опозицијата за разрешување членови на Регулаторната комисија поради актуелните поскапувањата на енергенсите.
Николов посочи дека незадоволни од работата на Регулаторната комисија се и стопанствениците, кои станаа неконкурентни со своите производи, но и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои, според него, не смеат да кажат јавно.
„Наместо Регулаторната комисија да е самостојно тело, спротивно на Законот за енергетика, во неа се вработуваат партиски кадри. Одлуките на Регулаторната комисија со кои ги зголеми цените на бензините, струјата и парното и со која беше укината дневната тарифа за евтина струја се донесени на сомнителен начин и по нејасна методологија. Претседателот Димитар Петров и нејзините членови, наместо да работат на заштита на интересите на граѓаните, ги штитат монополските позиции на компаниите“, рече Николов.
На прозивката на опозицијата, претседателот на Регулаторна, Петров, одговори со набројување закони, правилници и прописи со кои Комисијата требало да направи усогласување на македонското со европското законодавство, по донесувањето на новиот Закон за енергетика.
„Не е точно дека укинувањето на дневната евтина тарифа на електричната енергија е направена нетранспарентно. Претходеше јавна расправа, подготвителна и главна седница. Менувањето на цените на бензините се прави на транспарентен начин, според методологијата која е објавена на веб- страницата на Владата“, одговори Петров, кој во предвиденото време не стигна да ги образложи одлуките на РКЕ за „Топлификација“. (С.Н.)
|