02.11.2012, 12:57 Независна Шкотска автоматски ќе стане членка на ЕУ
Владата во Единбург соопшти дека Шкотска „по автоматизам“ ќе стане членка на Европската Унија, доколку мнозинството од гласачите на референдумот за две години се определат за отцепување на земјата од Велика Британија.
Претставник на шкотската Влада изјави дека „сите правни и уставни експерти“ проценуваат оти Шкотска сега е дел од ЕУ (како британска територија), а Шкотлаѓаните се граѓани на ЕУ, како што се сите Бритаци.
- Нема никаква правна основа да се измени таа ситуација, доколку земјата стане независна држава, изјави претставникот на Владата во Единбург, инсистирајќи дека ситуацијата со Шкотска е сосема различна од онаа со земјите од Европа кои бараа и чекаа да бидат примени во ЕУ.
Таквото толкување за идниот статус на Шкотска во Европа, доколку таа се отцепи од Велика Британија, е сосема различно од претходно дадените објаснувања од функционери на сега владејачката, сепаратистичка Шкотска националнистичка партија (СНП). По престојот во Брисел и консултациите со европските правни експерти, тие тогаш објаснуваа дека „независна“ Шкотска ќе мора да бара формален прием за да биде дел од ЕУ, на истиот начин на кои тоа го бараат земјите од Југоисточна Европа и Исланд.
Реакцијата на официјален Единбург доаѓа по понудата на Брисел за правна помош за Велика Британија, околу случајот со Шкотска. Европската комисија и официјално и понуди помош на британската Влада, откако премиерот Дејвид Камерон и шкотскиот прв министер Алекс Салмонд потпишаа договор за референдумот за независност, што ќе се одржи, најверојатно, во есента 2014 година.
Британската Влада ја одби понудата од Европската комисија за правен совет. Во изјавата на Владата во Лондон се наведува дека Велика Британија „не е во фаза на предсепарација на државата, уште на две години пред референдумот, за да и треба било каква помош од надвор“, порачувајќи му на Брисел за тоа да комуницира со Владата во Единбург која ја „покрена и ја застапува сепаратистичката политика“. |