03.11.2012, 21:08 Јунајтед го презеде врвот од Челзи
Манчестер го доби дербито против Арсенал со 2:1, а европскиот првак ремизираше на гости кај Свонси (1:1)
Манчестер Јунајтед славеше против Арсенал (2:1) и го искористи киксот на Челси против Свонси (1:1), па по 10 одиграни кола го запоседна врвот во англиската Премиер лига.
Робин ван Перси уште во третата минута искористи еден кикс и постигна гол против екипата чиј капитен беше до пред почетокот на оваа сезона. Домаќините беа доминантни на овој натпревар, но освен Ван Перси, својата шанса ја искористи само уште и Евра. Претходно, Вејн Руни не успеа да го реализира ударот од белата точка.
Арсенал се до пред крајот на натпреварот немаше шут во рамките на голот, а во 92. минута Санти Казорла само успеа да го ублажи поразот.
Челзи одигра нерешено 1:1 на гостувањето против Свонси. „Сините“ дојдоа во предност во 61. минута кога Кејхил шутираше во голот, а Мозес ја сврте топката во небранетиот дел од мрежата на домашниот голман.
Свонси стигна до бод на две минути пред крај кога Хернандез го погоди долниот лев дел на голот на Чех.
Вест Хем и Манчестер Сити во Лондон одиграа без голови (0:0) на последниот денешен дуел од 10. коло. Со овој резултат шампионот Манчестер Сити заостанува бод зад вториот Челзи и два бода зад новиот лидер Манчестер Јунајтед.
Останати резултати: Фулам – Евертон 2:2, Норвич – Стоук 1:0, Сандерленд - Астон Вила 1:0, Тотенхем – Виган 0:1.
Утре ќе се играат два натпревари: Квинс Парк Ренџерс – Рединг и Ливерпул – Њукасл, а колото ќе биде комплетирано в понеделник со средбата Вест Бромвич Албион - Саутемптон.
Табела: Манчестер Јунајтед 24, Челзи 23, Манчестер Сити 22, Евертон 17, Тотенхем 17, Арсенал 15, Фулам 15, Вест Хем 15 итн.
|