06.11.2012, 13:06 Реал готви реванш за Дортмунд
„Кралевите“ вечерва ќе им наплаќаат на „милионерите“ за поразот од 2:1
Дербито и во четвртото коло од Лигата на шампионите одново се игра меѓу составите на Реал Мадрид и на Борусија Дортмунд, а по победата на минатата средба за шампионот на Германија од 2:1 ова ќе биде меч на кој првакот на Шпанија ќе се обиде да се реваншира. Мурињо нема да менува премногу во тактиката, но дефинитивно ќе мора да го смени пристапот на неговите играчи кон натпреварот. Доколку успее да го направи тоа, тогаш на оваа средба не се очекува ништо друго освен победа за домашниот состав.
„Играта што ја прикажавме против Сарагос�� денеска не смееме никако да ја повториме. Едноставно мораме да бидеме на далеку повисоко ниво. Ние победивме со 4:0 на тој меч, но денеска нема да имаме таков противник на теренот. Борусија е далеку посериозен ривал од кој загубивме на првиот меч. Затоа мораме далеку посериозно да му пристапиме на овој меч и да се обидеме да дојдеме до три бода. Само победа е наша опција за овој меч. Очекувам момците да одиграат далеку подобро од саботата и верувам во нив“, вели Мурињо.
Гостите, пак, немаа добро претставување на последната средба во Германија. Сепак, тие се убедени дека може да го повторат истото од претходниот меч и одново да направат голем резултат.
„И пред одигрувањето на првиот меч против Реал Мадрид имавме лош настап во Бундес-лигата. Тогаш загубивме од екипата на Шалке 04, но потоа бевме доста убедливи во играта против кралскиот тим и дојдовме до триумф. Мислам дека и сега по ремито против Штутгарт можеме да се кренеме и во Мадрид да обезбедиме добар резултат“, вели Гундоган.
Напаѓачите на Реал Мадрид функционираа на високо ниво во последната седмица. Тие постигнаа дури 13 гола на три средби така што имаат одлична најава за реваншот против Борусија. Вечерва може да се очекува меч на кој ќе има многу погодоци.
Иако фудбалерот од Хрватска, Лука Модриќ, е најавен во првиот тим на Реал Мадрид, сепак, Мурињо се' уште не е сигурен дали тој или, пак, Есиен ќе стартува на средбата. Дилемата е кој да му прави друштво на Чаби Алонсо, па останува да се види во последен момент за што ќе се одлучи Португалецот.
Реал Мадрид пред својата публика има доминација. Игра далеку подобро отколку на туѓ терен, а во ЛШ има победа на седум меча по ред. Доколку се' мине нормално, тогаш и на овој дуел не се очекува ништо поразлично и се' води кон победа на домаќинот. Борусија ќе има навистина тешка задача за да дојде до уште едно изненадување.
Фудбалерот на Борусија Дортмунд, Себастијан Кел, е неизвесен за денешната средба против Реал Мадрид. Тој има скршеница на носот од дуелот против Штутгарт од саботата, па за него ќе одлучуваат докторите и тренерот. Доколку Клоп одлучи дека му е потребен во тимот, тогаш ќе мора да игра со заштитна маска.
|