08.11.2012, 11:54 Монографија за актерот Мите Грозданов
Изданието содржи и семеен албум, како и текстови за Мите од десетина негови колеги и пријатели
Монографија за доајенот на македонското глумиште Мите Грозданов, насловена „Мите - сцена, живот..." од авторот и приредувач Борче Грозданов, ќе биде промвирана вечерва во Драмскиот театар-Скопје.
Низ 13 поглавја и многу фотографии е претставен животниот и творечкиот пат на актерот, со над четири и пол децении кариера. Опфатени се детството, училишните, студентските денови, патешествието од Белград, преку Струмица до Скопје, ѕвездените мигови од Драмски, па од Струмичкиот, Штипскиот, МНТ, Албанскиот и другите театри и фестивали. Опишана е и активноста во неговиот Театар Македонија, соработката со аматерите, како и неговото другарување со поезијата која, наведува авторот, е втората уметничка љубов на актерот.
Монографијата содржи и семеен албум, како и текстови за Мите од десетина негови колеги и пријатели: Ристо Стефановски, Бранко Ставрев, Ванчо Петрушевски, Кирил Андоновски, Ердоан Максут, Викторија Анѓушева, Митко Мурџев, Ацо Видиков, Диме Илиев, Коле Ангеловски...
Изданието во Драмски - матичниот театар на Грозданов, ќе го промовираат писателот Блаже Миневски и актерот Самоил Стојановски.
Приредувачот Борче Грозданов е автор и на други наслови за тетарот - „Чекори по ѕвездените штици“ (монографија по повод 50 години од Струмичкиот театар), и цеде со театарски критики „На (д) сцената“. Автор е и на збиките поезија „Пориви“, „Грст стихови“ и „Четириесет воздивнувања“. |