05.11.2012, 15:06 Новиот филм на Владимир Блажевски во Котбус
„Слобода или смрт“ е избран меѓу 13 филма што ќе бидат претставени на копродукцискиот маркет „Конектинг Котбус“
Сунчица Уневска
Новиот проект на Владимир Блажевски со наслов „Слобода или смрт“ е селектиран меѓу 13 филма, кои ќе бидат претставени на копродукцискиот маркет Исток - Запад во рамките на претстојниот 22. Филмски фестивал во Котбус, Германија, кој се одржува од 6 до 11 ноември.
Филмот на Блажевски беше избран меѓу 83 проекти од 29 земји од Источна Европа, кои аплицираа годинава за учество на овој копродукциски маркет насловен „Конектинг Котбус��, што станува се' поинтересен како место на поврзување. Неговото 14. издание предвидено е да се одржи на 8 и 9 ноември, кога ќе бидат претставени избраните 13 проекти од 12 земји, пред публиката од делот на филмската индустрија. „Слобода или смрт“ во Котбус ќе го претстават режисерот Владимир Блажевски и продуцентот Дарко Попов, кои заедно го потпишаа и нивниот претходен филм, „Панкот не е мртов“. „Освен условно слични жанровски рамки, оваа приказна нема ништо друго заедничко со ’Панкот не е мртов‘“, ни рече Владимир Блажевски, додавајќи дека во неа е поинаков стилот, визуелната структура, наративната динамика... „Станува збор за современа приказна, која е истовремено смешна и тажна и која, врз една прилично откачена оптика, го согледува мигот ’сега и овде‘ во кој живееме“, објаснува авторот. Главните ликови во приказната се еден чувар на Зоолошка градина и едно шимпанзо.
Го прашавме Блажевски, што значи насловот „Слобода или смрт“, но тој во негов стил ни рече дека ова е работен наслов, кој е таков веројатно поради неговиот афинитет кон цитат наслов (впрочем како во „Панкот...“), но дека приказната нема никаква врска со комитското минато.
Она што е интересно, е дека уште пред почетокот на пичингот во Котбус, тие имаат веќе две понуди, од Германија и од Австрија, како потенцијално заинтересирани партнери кои веќе пројавиле интерес да го читаат тритментот и сценариото. „Се разбира дека одиме со надеж да најдеме копродуцентски партнер, инаку не би имало смисла нашето претставување таму. Мене лично тоа би ми значело многу, од една страна, од финансиски причини, а од друга страна, со оглед на искуството што го имав со ’Панкот...‘, бидејќи на тој начин филмот многу полесно се промовира во светот, особено во поглед на дистрибуцијата“, вели Блажевски.
Буџетот на овој филм изнесува 1.070.000 евра и тие веќе аплицирале на конкурсот во Филмскиот фонд. „Овој пат се надеваме на максимална поддршка, за разлика од ситуацијата со ’Панкот‘, но, се разбира, првенствено поради квалитетот на сценариото, а исто така и поради приемот на ’Панкот‘, што сметаме дека е добра референца за понатаму“, ни изјави Блажевски. „Би сакал, додава Блажевски, јадрото на авторската екипа да го сочинуваат луѓето од ’Панкот‘, бидејќи бев задоволен од тоа како функциониравме во тој филм. Но, за дефинитивни одлуки е рано, особено ако се појават странски копродуценти.
Пичингот во Котбус се очекува да го следат над 150 луѓе. Инаку, изборот на дела што ќе се претстават на овој копродукциски маркет опфаќа жанровски филмови, дебитантстки остварувања, како и проекти на наградувани режисери и продуценти. Со два филма ќе се претстави единствено Романија, меѓу кои е и веќе етаблираниот Раду Мунтеан, а со по еден филм застапени се Унгарија, Грузија, Латвија, Полска. Чешка и Словенија имаат копродукциски проект повторно со истиот режисер Олмо Омерзу, чиј филм „Прилично млада ноќ“ го видовме на „Браќа Манаки“. Со копродукција ќе се претстават и Германија и Косово, чиј проект го потпишува познатиот режисер Иса Ќосја, а меѓу проектите е и српскиот филм „Добра жена“, каде како режисер се потпишува и Мирјана Карановиќ. На пичингот се доделуваат две награди, и тоа, за најдобар пичинг - за која гласаат сите учесници, и втората Post Pitch Award, која носи 25.000 во техника и сервис, а за која одлучува жири од тројца филмски професионалци. |