05.11.2012, 17:22 Липко - маскота на ЕП 2013
Кошаркарската федерација на Словенија на својот профил на „Твитер“ објави дека во гласањето за маскота на Европското првенство победил предлогот „Липко“. Во конкуренција беа четири предлози, а најмногу гласа доби Липко, кој претставува липа со зелена боја. Евробаскетот во Словенија ќе се игра од 4 до 22 септември следната година, а ждрепката за составот на групите ќе се влече на 18 ноември во Постојнска Јама.
„Липко извира од соживотот на човекот и природата. Неговата природна компонента е словенечката липа. Тој е врсник на Словенија, има 21 година, но и покрај тоа, ја поседува мудроста на неговите предци кои со години го коваа словенството седејќи под липите. Липко живее во старото село Смрековец во близина на Корошка. Разигран и симпатичен, тој најдобро се снаоѓа меѓу навивачите и ги сака оние кои навиваат најгласно и најспортски. Неговата задача ќе биде со листот од липа да шири заеднички вредности, почитување на конкуренцијата, игри и дружење како и здрав однос кон природата. Името Липко доаѓа од словенечкиот изговор на дрвото липа, и тоа како диминутив за да биде посимпатичен за кошаркарска маскота“, стои во објаснувањето на федерацијата. |