04.11.2012, 20:26 Македонија убедливо поразена од Португалија
Македонските ракометари го доживеаа првиот пораз во квалификациите на гостувањето кај Португалија, при што домашната репрезентација славеше победа од 32:25
Македонската репрезентација на гостувањето кај Португалија го доживеа првиот пораз во квалификациите за ракометното Европско првенство што во 2014 година ќе се одржи во Данска.
Домашната репрезентација славеше победа од 32:25 (18:13). Ова беше четврти пораз на македонската ракометна репрезентација на четвртото гостување во Португалија.
По добриот почеток и водството од 3:2 за Македонија, проти��никот за десетина минути направи серија од 9:1 кон средина на првиот дел имаше предност од седум голови (11:4). Нашите ракометари се обидуваа да ја консолидираат играта, но грешките, пред се во нападот, на домаќинот му овозможуваа предност (седум голови во четири наврати).
На полувремето беше 18:13. Вториот дел донесе подобра игра и со помалку грешки, па така во три наврати дојдовме на негатива од два гола (22:20; 25:23; 26:24), но тоа беше се што направија нашите играчи. Во последните десет минути Португалија повторно направи серија овојпат од 6:1 за конечни 32:25.
Најефикасен на натпреварот беше Кирил Лазаров со девет голови, додека кај Португалија најпрецизен беше Карниеро со 8 голови. На вториот натпревар од групата 1 Шпанија како гостин ја совлада Швајцарија со 33:22. Шпанија е прва во групата со 4 бодови, Македонија и Португалија имаат по 2, а Швајцарија е последна без бод. Следниот натпревар Македонија го игра во март 2013 година со Шпанија на домашен терен. |