05.11.2012, 17:55 Владата не планира попис ниту следната година
Ниту следната година Владата не планира да го преброи населението, откако поради недоразбирања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ пописот во октомври 2011 година беше стопиран. Во предлог-буџетот, кој Министерството за финансии го достави до Собранието, не се предвидени пари за оваа најмасовна статистичка операција, која како држава имаме обврска да ја реализираме на десет години. Според финансискиот план, Државниот завод за статистика (ДЗР) ќе добие над 161 милиони денари или околу 2,6 милиони евра, наспроти над 600 милиони денари или околу девет милиони евра, кои во 2011 година му беа доделени на ДЗР за да го спроведе пописот.
Пописот во Македонија беше прекинат откако Државната пописна комисија поднесе колективна неотповиклива оставка поради ненадминливите разлики во толкувањето на методологијата на попишување, односно член 6 кој регулира кој се' може да биде попишан. Претставниците на албанската заедница бараа да бидат попишани сите нивни припадници кои се надвор од државата повеќе од една година, наспроти ставот на македонскиот политички блок, кој сметаше дека овие лица не треба да бидат попишани.
Спроведувањето на пописот опозициските партии го поврзуваат со прочистувањето на Избирачкиот список, процес кој треба да се заврши пред локалните избори во март.
Според финансискиот план за следната година, Владата не предвидува следната година паралелно со локалните да се одржат и парламентарни избори. Сепак, доколку владејачките партии одлучат повторно да се оди на предвремени парламентарни избори, Владата преку пренамена на средства може да обезбеди пари за овој процес. (Т.П.)
|