04.11.2012, 16:23 Хелсиншки комитет апелира да престанат заканите за „Аман“
Хелсиншкиот комитет за човекови права е загрижен поради заканите кои им се упатуваат на членови на граѓанската иницијатива „Аман“, кои веќе неколку месеци протестираат против поскапувањата на струјата, парното, нафтените деривати, високите цени и нискиот стандард. Комитет денеска преку соопштение упати апел до сите политички партии да не ги пренесуваат меѓусебните недоразбирања и омраза меѓу граѓаните и еднакво да ги обезбедат граѓанските и политички права на секој човек во земјава.
„Со поддржување на овие закани или нереагирање на институциите се оправдуваат активностите на членовите на партиите како легитимни со што се создава и поттикнува политичка омраза, но и одмазда меѓу членови на партиите кои пред се' треба да бидат одговорни граѓани и еднакви во своите права и достоинство како луѓе“, е ставот на Хелсиншкиот комитет.
Ваквата реакција следи по саботниот инцидент, кога активистите на „Аман“ по 12. пат излегоа на улиците да го искажат своето незадоволство од поскапувањето на цените. Член на Хелсиншкиот комитет, кој заедно со претставник на ОБСЕ го мониторирале протестот, забележал уште една група млади луѓе, кои напоредно, пред зградата на ЕВН исто така се подготвувале за протест. Но, пред да започнат со протестите, активистите на АМАН биле заплашувани од момче кое тврдело дека е од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и од нив побарало да си заминат. За заканите била известена полицијата, од која била побарана и помош.
Граѓанската иницијатива „Аман“ започна со протести на 14 август годинава. Хелсиншкиот комитет, кој постојано ги мониторира протестите, соопштува дека дел од активистите барале правна помош и заштита, бидејќи во повеќе наврати се соочиле со закани по живот за нив и нивните семејства. |