05.11.2012, 17:54 Осум милиони евра за 1.500 „рамковни“ што седат дома
Од Секретаријатот за рамковни прашања тврдат дека од овие над 1.500 вработени само некои седат дома и земаат плата, а другите се распоредени во други државни институции
Татjана Поповска
Над 1.500 новопримени административци чекаат во Секретаријатот за рамковни прашања да бидат прераспределени во државните институции, откако по принципот на правична застапеност предвиден со Охридскиот договор, биле вработени во државната администрација без за тоа да има реална потреба. Предлог-буџетот што вчера влезе во собраниска процедура, покажа дека фрапантен број „рамковни административци“ секој месец земаат плата, но немаат соодветно работно место. Голем дел од нив воопшто не се појавуваат на работа бидејќи во просториите на Секретаријатот нема капацитет да бидат „сместени“ над илјада административци.
Според податоците од предлог-буџетот за 2013 година, Министерството за финансии предвидело следната година да се одвојат 540.565 илјади денари или 8,7 милиони евра, сума со која в година треба да се платат платите за новите етнички вработувања.
Од Секретаријатот за рамковни прашања тврдат дека од овие над 1.500 вработени само дел седат дома и земаат плата, а другите се распоредени во други државни институции, иако се' уште земаат плата од Секретаријатот. Сепак, портпаролот Мухамед Хоџа не можеше да каже колкав е бројот на административците што седат дома.
„Процесот на распределба на вработените од Секретаријатот за рамковни прашања има неколку фази. Додека не заврши целиот процес, односно додека за нивното вработување не добијат согласност од министерот за информатичко општество и администрација и од министерот за финансии, тие буџетски не можат да бидат префрлени на институциите каде што се распределени и каде што веќе работат“, вели Хоџа, за кого не е спорно што административците се распоредени во државни институции без претходно да ја добијат потребната согласност.
Од 1.578 лица кои во моментов фигурираат на платниот список на Секретаријатот, во овој сектор работат само 39 административци, а другите барем според податоците од предлог-буџетот чекаат распределување.
Дека принципот на вработување на припадниците на етничките заедници не функционира како што треба констатира и Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Македонија. ЕК забележува дека значително треба да се подобри процесот на вработување кој го води Секретаријатот за спроведување на охридскиот Рамковен договор.
|