08.11.2012, 11:20 Груевски: Се определивме за длабоки, фундаментални реформи
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на политичкиот амбиент во државата и како што рече, на една нова теза што опозицијата ја пласира во јавноста
Се определивме за длабоки, фундаментални реформи, за крупни проекти во сите сектори. Даваме се што е во наша моќ да ги менуваме работите на подобро, a така и ќе продолжиме, истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на синоќешната партиска трибина во Битола.
Пред членовите, симпатизерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ Груевски истакна и оти во судството се направен�� сериозни реформи.
- Се донесе Законот за парнична постапка со кој во судските постапки се скратија роковите за секоја постапка и се разбира има казни ако не се почитуваат роковите, како за претседателот на судот, така и за самите судии доколку се забележи еклатантно кршење на роковите. Со законските измени Судскиот Совет ќе мора најмалку еднаш месечно да одржува седница за претставки или поплаки која ќе биде отворена за медиумите, за граѓаните или за компаниите. Дел од новините се во сила, а дел ќе се применуваат од 1 јануари 2013 како што е квантитативното и квалитативното бодувањето на судиите со што ќе се создадат услови за да чекор по чекор се менуваат состојбите во судството, рече Груевски.
На средбата во битолскиот Центар за култура премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ потсети и на реформите во јавната администрација кои директно ќе ги почувствуваат лицата кои предметите ги чуваат во фиока.
- Во минатото еден од најголемите недостатоци на администрацијата беше недавање одговор во законски или разумен рок, но со законските измени предвидени се санкции за службеникот, за раководителот на секторот и раководителот на институцијата. Овие промени ќе дадат резултати бидејќи нашата цел не е да ги казнуваме туку да ги натераме професионално, посветено и навремено да им одговараат на граѓаните и да бидат нивни сервис бидејќи администрацијата постои заради граѓаните, а не граѓаните заради администрацијата, предочи Груевски.
Тој се осврна и на политичкиот амбиент во државата и како што рече, на една нова теза што опозицијата ја пласира во јавноста.
- Опозицијата кажува дека ако во декември Македонија добие датум за преговори тоа ќе значело дека ние сме го смениле името, а ако не добие датум за преговори тоа ќе значи дека не не бидува. Значи, како и да свртите тоа е неповолна ситуација за нас. На овие транзициски манипулации никој не им верува освен неколку луѓе околу еден човек. Според оваа варијанта на Црвенковски кој во 1995 година веќе го смени името и го прифати името Поранешна Југословенска Република Македонија и според неговата логика, ние најверојатно сме добиле датум за преговори уште во 1995 година, но сеуште не сме свесни за тоа, истакна Груевски.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски пред битолчани ги анализираше и пораките на Црвенковски кои во последниов период ги упатува до земјоделците, лекарите, професорите и студентите од кои бара поддршка за враќање на власт. |