08.11.2012, 14:41 По „Сенди“, ново невреме ги погоди Њујорк и Њу Џерси
Ново невреме го погоди американскиот источен брег каде што областите се' уште закрепнуваат од уништувачкиот удар на „Сенди“. Некои луѓе повторно беа принудени да ги напуштат своите домови, а и јавниот транспорт беше погоден. Дуваа ветрови со јачина од 100 км/ч што соборуваа дрвја и електрични столбови.
Гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, изјави: „Следно што очекувам се скакулци и чума“. Енергетските компании во двете држави информираат дека повеќе од 100.000 клиенти имаат прекин во снабдувањето со електрична енергија. Околу 650.000 згради веќе една недела се без струја по ударот на „Сенди“, кога повеќе од 100 лица ги загубија животите. Но, штетата од најновото невреме, од североисток, е помала отколку што се стравуваше.
Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг, изјави дека пониските области не се поплавени од плимата во средата попладнето. Блумберг додаде дека се' уште е загрижен за безбедноста на оние области каде се' уште не се поправени одбранбените бедеми од поплави. Но, тој наведе дека нема потреба од задолжителна евакуација бидејќи невремето не се очекува да ја има силината на „Сенди“.
Руди Шлахтер, жителка на Лонг Ајленд, која беше принудена да го пресели своето семејство на погорните катови од нивниот дом поради сериозните поплави минатата недела, изјави дека сега ќе се евакуираат. „Само ви е потребно силен ветар што ќе донесе парчиња дрва во нечиј прозорец“, изјави таа. „Ние си одиме; не сакам моите деца повторно да видат вода“.
Претседателот Обама во средата разговараше со гувернерите на Њујорк и на Њу Џерси, а дискусиите беа фокусирани на континуираниот недостиг од гориво во регионот. Големите авиокомпании пред бурата ги откажаа летовите во Њујорк и во Њу Џерси и обратно.
Досега 95.000 лица се регистрирале за итна помош во сместување, во Њујорк и во Њу Џерси по „Сенди“, според американската Федерална агенција за управување со вонредни ситуации. Уште се додава дека агенцијата е подготвена да размести дополнителни ресурси ако се појави потреба за тоа. (Би-Би-Си)
|