08.11.2012, 15:33 Од отровите во ОХИС има спас, треба да се најдат пари
Скопје може да се спаси од токсичниот линдан и живата кои со децении лежат во дворот на некогашниот хемиски гигант ОХИС за помалку од една година. Новите технологии со кои располагаат европски компании за управување со отпад се подготвени многу брзо и ефикасно да се справат со над 30.000 кубни метри загадена почва. Опасните хемикалии се чуваат на несоодветен начин, затворени во буриња и затрупани со земја. ОХИС е на врвот на листата на жешки еколошки точки во нашата земја. Од Министерството за животна средина признаваат дека токсините влијаат на воздухот, подземните води и почвата, а со изминување ��а времето состојбата се влошува. Потврдуваат дека чистењето на историското загадување во ОХИС е приоритет на кој работат една деценија, но засега само на проекти и истражувања. Реализацијата на деконтаминацијата на почвата ќе се бара во проект кој треба да е кофинансиран од странски институции.
„Процесот на неутрализација на отровите во почвата во ОХИС е еден од приоритетите, но тоа нема да биде евтин процес. Според претпоставките, потребните финансии може да се движат и до 40 милиони евра. Ги очекуваме и понудите на компаниите за управување со отпад кои деновиве се присутни во Македонија“, рече Стево Темелковски, заменик-министер за животна средина.
Тој денеска беше домаќин на Форумот за отпад, на кој присуствуваше и Таизо Нишикава, заменик-генерален директор на Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации - УНИДО. Според Нишикава, процесот на деконтаминација на почвата во ОХИС, која се наоѓа во урбано подрачје, треба да се насочи кон процената и изборот на потребните технологии кои се достапни во Европа, набавката на соодветна опрема и крајната цел, прочистувањето на почвата. Тој посочи дека на средба со вицепремиерот Владимир Пешевски разговарале за спроведување пилот-проект со кој ќе се даде груба рамка за потребните трошоци за ваков зафат.
Конкретната пробна акција за прочистување на отровната земја од ОХИС била направена деновиве преку пилот-проектот на романската компанија „Сеткар“, која во соработка со германската „К+С“ нудат еколошки решенија за ризичен отпад. Пробното прочистување на примероци земја од ОХИС со методата на термална десорпција на „Сеткар“ покажала прочистување на 99,8 проценти од отровите на почвата.
„Контаминираната почва се загрева, загадувачите испаруваат и останува чиста почва. Испарените органски загадувачи се кондензираат и се добива мал концентрат по волумен од линданот. Остатоците се пакуваат соодветно и се транспортираат во некогашните рудници за сол на компанијата ’К+С’ каде што се складираат на неколку стотици метри под земја“, објаснуваат од романската компанија „Сеткар“.
Германската компанија „К+С“, чија примарна дејност е експлоатација на рудници со сол, има 8 локации низ Германија каде што искористените подземни канали ги користи за складирање опасен отпад. Од компанијата тврдат дека позициите неколку стотици метри под земја се геолошки стабилни локации во кои нема опасност од отпадот, кој е соодветно спакуван.
„Нашата компанија веќе 40 години третира опасен отпад од цела Европа, а имаме искуство и со ваков тип загадување по затворањето на хемиската индустрија во Источна Германија. Целиот процес на третманот на почвата, како и складирањето се целосно безбедни и еколошки“, велат од „К+С“. (С.Н.) |