08.11.2012, 14:20 Бискупот од Дарам е новиот надбискуп на англиканската црква
Актулениот бискуп од Дарам, Џастин Вилби (56), е новиот надбискуп од Кантербери и на Англиканската црква. Тој ќе го наследи на таа функција, сегашниот надбискуп Роуан Вилијамс, кој по десет години, одлучи во декември, да се повлече од ракводењето со црквата.
Изборот на нов англикански надбискуп, требаше да се изврши уште пред два месеци, но во првиот и вториот круг од одлучувањето, не можеше да се постигне согласност околу тоа кој ќе го наследи Вилијамс. Претставник на Даунинг стрит 10 соопшти дека формалното назначување на Вилби ќе биде извршено до крајот на оваа недела.
Според британската традиција, изборот на надбискупот на Англиканската црква го потврдува британскиот премиер, а конечното одобрување го дава, британскиот суверен, сега кралицата Елизабета, која е формално поглавар на цркавата.
Вилби ќе биде надбискуп од Кантербери, откако само една година беше назначен за бискуп на Дарам, што во хиерархијата на Англиканската црква е четвртата највисока функција. Пред тоа тој четири години, од 2007 до 2011 година, беше декан на црквата во Ливерпул.
Новиот надбискуп е образуван во угледниот колеџ Итон, како и на Универзитетот во Кембриџ. По студиите, Вилби помина 11 години како висок функционер во британската нафтена индустрија. Потоа студираше теологија на Универзитетит во Дарам, а свештеник стана во 1992 година. |