07.11.2012, 16:37 Расправата за бранителите пред ограничување
По неколкудневната пауза поради партиските недоразбирањата околу предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за ограничување на дискусиите, Комисијата за труд и социјална политика утре продолжува со работа. Тоа го потврди претседателката на ова работното тело во кое се разгледува контроверзниот закон за бранители, Цветанка Иванова. Пратеничката на СДСМ, која пред неколку дена сметаше дека, според Деловникот, одговорни за решавање на ваквата ситуација се претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, денеска практично се согласи со спикерот кој еден ден пред тоа г�� одби барањето на ДУИ за негова помош.
Вељаноски смета дека прашањата што ги иницира една партија треба претходно да добијат процедурална и суштинска основа, односно да бидат разгледани и разрешени по пат на донесување соодветна одлука во рамките на самата Комисија за труд и социјална политика, за која се изјаснило мнозинството членови на Комисијата.
„Таа одлука ќе биде основа претседателот на Комисијата да се обрати до мене, па потоа јас да ја задолжам Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа и да ја разреши дилемата за спроведување на Деловникот на Собранието и деловниците на работните тела“, напиша Вељаноски во дописот до координаторот на ДУИ, Талат Џафери.
Иванова го повтори ставот на СДСМ дека ќе гласа за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за ограничување на дискусиите. Пратеничката на ДУИ, пак, Ермира Мехмети, потенцира дека нејзината партија која има поднесено 15.000 амандмани со кои се блокира законот за бранители е подготвена и на вакво сценарио. (Н.К.)
|