09.11.2012, 17:04 Трикатен хотел место зграда на НБМ на плоштад
Во постапка е измена на урбанистичкиот план со кој маркичката наменета за државен објект ќе добие друга намена и намалена висина
Деспина Трајковска
Ни црква ни нова зграда на Народна банка нема да се гради на плоштад пред „Лумикс“, туку таму ќе никне деловен центар или можеби хотел. Иако засега сето ова не е потврдено на хартија, сите околности наведуваат на тоа. Народна банка на Македонија се откажа од изградба на нова зграда токму на тоа место, додека важечкиот урбанистички план со кој се третира парцелата е во постапка на измени и дополнувања.
Имено, од НБРМ најавија дека земјиштето ќе и' го вратат на државата, а наскоро се очекува Општина Центар да ја смени намената на објектот предвиден да се гради на парцелата од државен во деловен објект, или по избор на сопственикот на земјиштето ќе дозволи изградба на хотел. Маркицата е за објект висок до 16 метри, односно за зграда со приземје, три ката и потпокрив со намена деловни дејности или хотелски комплекс.
Во меѓувреме парцелата која НБРМ ја доби на користење од Министерството за транспорт и врски и најави дека ќе им ја врати, извесно е дека ќе чека нов корисник. Од Транспорт не кажуваат како ќе постапат по најавите на монетарната власт. Но, извесно е дека земјата ќе добие нов приватен сопственик ако се има предвид дека е почната постапка за измена на намената на објектот.
„Предметната локација е доделена на трајно користење на Народна банка со одлука на Владата, во согласност со одредбите од Законот за градежно земјиште, а за планирање на изградбата на објекти и од кој вид ќе бидат е надлежна локалната самоуправа, во конкретниот случај Општина Центар“, кусо велат од Министерството за транспорт.
Инаку, по неколкумесечени најави дури и преземени конкретни активности, завчера од НБРМ информираа дека се откажуваат од идејата да градат нова зграда на плоштад, на местото кое претходно беше наменето за црква. Наводно, на конкурсот што го распишале ниту еден предлог за изгледот на зградата не ги исполнувал барањата и потребните критериуми за објект на плоштадот. Од НБРМ притоа рекоа дека не се откажуваат од нов административен објект, туку само од избраната локација. Најавија дека отстапеното земјиште ќе и' го вратат на државата, односно на Министерството за транспорт и врски.
Пиши-бриши со парцелата
Актуелната постапка за измена на маркицата на парцелата првично планирана за црквата е трета по ред корекција во изминативе три години. Неочекувано, Општина Центар на просторот пред „Лумикс“ прво нацрта маркица за верски објект со дозволена максимална висина од 29 метри, колку што генерално е дозволената висина на објектите во реонот. Но, по две години МПЦ одлучи да ја „пресели“ црквата пред Домот на АРМ, а урбанистичкиот план предвиде на парцелата да се изгради објект наменет за државни институции со зголемена катност од претходно, односно максималната висина беше предвидена да стаса до 40 метри. Сега, последните измени на ДУП-от, која ја помина јавната анкета и наскоро се очекува да биде усвоен и од Советот, на истото место дозволува да се гради објект со висина до 16 метри. Објектот е со намена за деловни дејности или, пак, по желба на сопственикот на парцелата, ќе биде дозволена изградба на хотел.
Кој и зошто ги нарачувал измените на планот за конкретната парцела, од Општина Центар никогаш не кажаа. |