16.11.2012, 15:06 СДСМ бара да се поништат вработувањата четири месеци пред изборите
СДСМ денеска обвини дека во јавните претпријатија во Скопје се вршат партиски вработувања и побара да се разрешат директорите на тие јавни претпријатија и да се поништат овие вработувања.
Според портпаролот на партијата, Емилијан Станковиќ, на само четири месеци пред изборите се појавиле списоци на луѓе кои по партиски налог се вработуваат во скопските јавни претпријатија.
„Дополнително, самите луѓе признаваат дека работните места им ги обезбедуваат штабовите на партиите на власт“, вели Станковиќ. Според него, овој случај е уште еден од активностите со кои власта се обидува да манипулира со гласачите.
Новите партиски вработувања во Скопје се еден од низата примери зошто ВМРО-ДПМНЕ не сака да ги прифати забелешките на ОБСЕ/ОДИХР и Европската комисија и да ги вметне во изборното законодавство, е ставот на партискиот портпарол, кој ја повика Владата да ги прифати измените на изборното законодавство, кои се во собраниска процедура. Со тоа, според него, ќе се демонстрира подготвеност во март да се соочи со граѓаните на слободни, фер и демократски избори.
ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција на прес-конференцијата на СДСМ оценува дека таа е уште една од серијата алиби со кои лидерот на партијата Бранко Црвенковски ќе го правда изборниот пораз на следните избори.
Од партијата истакнуваат дека не се изненадени од ваквите прес-конференции на СДСМ и оти тие и на минатите избори се обиделе да направат ваква конструкција.
- Очигледно не се свесни од СДСМ дека граѓаните не им веруваат на ваквите манипулации и затоа тие ги изгубија изборите. Ваквите лаги се со цел да се одвлече вниманието од јавноста од внатрепартиските делби и фракции, кои се повеќе излегуваат на површина, се вели во реакцијата. |