17.11.2012, 12:26 Во воздушните напади погодено седиштето на Хамас
На почетокот на четвртиот ден од израелските воздушни напади, погодено е седиштето на лидерите на Хамас. Сведоци велат дека зградата е многу оштетена.
По мирната ноќ, рано изутринава, Газа ја погодија неколку големи експлозии околу 3 часот по локално време. Околу 5 часот имаше уште една серија воздушни напади, чија цел беше објектот на раководството на Хамас, јави Би-Би-Си.
- Пет силни експлозии ја потресоа мојата соба. Чувствувам дека беше блиску, напиша на Твитер Џон Донисон, дописник на Би-Би-Си.
Според него, неколку тела се затрупани под урнатините на куќа во Јабалија, северно од Газа, но дека т��чните бројки не се познати.
Покрај зградата на Хамас, израелските авиони стрелале и трафостаници и мрежата на тунели која се користи за шверцување оружје во Газа.
Израел вчера ги блокираше три главни рути кои водат во Газа, 16 илјади резервисти се веќе мобилизирани, а има овластување за мобилизација на уште 75.000. Израелскиот министер за одбрана Ехуд Барак побарал вчера од Владата да одобри мобилизација на 75 илјади резервисти за потребите на израелските операции во Појасот Газа, изјавија израелски претставници.
Според аналитичарите преземањето на овој чекор покажува дека Израел се подтотвува за евентуална копнена офанзива на Појасот Газа.
Според палестинските медиуми, во последните четири дена во Појасот Газа загинале најмалку 30 Палестинци и над 300 се повредени.
Само денеска се извршени 180 воздушни удари, а од почетокот на кампањата изведени се повеќе од 800, додека од Газа кон Израел истрелани се над 500 ракети.
|