16.11.2012, 10:15 Судот во Хаг ги ослободи Готовина и Маркач
Хашкиот трибунал ги ослободи од обвинение хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач
Хашкиот трибунал им изрече денеска ослободителна правосилна пресуда на хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, а Жалбениот совет наложи веднаш да бидат ослободени.
Готовина во првостепената постапка од 15 април 2011 година е осуден на 24 години затвор, Маркач на 18 години, а преостаниот член од хрватската „тројка“, генерал Иван Чермак е ослободен од обвинението и Обвинителството на оваа одлука не поднесе жалба.
Жалбениот совет на Хашкиот трибунал, на почетокот на читањето на правосилната пресуда за Готовина и Маркач, изнесе дека нема докази дека тие учествувале во заеднички злосторнички акции со цел насилно да се протера српското цивилно население од Краина.
Претседавачот на Советот, судијата Теодор Мерон изјави, исто така, дека Жалбениот совет делумно ја прифаќа жалбата на Готовина и Маркач и го отфрла заклучокот дека нападите на Книн, Грачац, Обровац и Бенковац биле противзаконски.
Советот оцени и дека заминувањето на цивилите за време на артилериските напади не може да се смета како депортирање.
Во Хрватска ослободителната пресуда беше дочекана со нескриено задоволство. Најголем собир беше организиран на плоштадот во Загреб, каде што се собраа повеќе илјади граѓани.
Mедиумите во Србија ослободувањето на Готовина и Маркач го прогласија за скандал. |